За Вас ts

29 ноември, 2014

Зошто сите поп песни траат по 3 минути?

Во популарната музичка индустрија, најголемиот број на радиски хитови не можат да бидат подолги од 3-4 минути. За тоа сведочи и моменталната состојба на Билбордовата топ листа, а првите три места се:

– Тејлор Свифт со „Shake It Off” (3:39 минути),

Меган Трејнор со „All About that Bass” (3:08 минути) и

„Марун 5“ со Animal” (3:49 минути).

А што е толку магично со бројот 3 и зошто токму овој број ја одредува должината на хитовите? Објаснувањето ќе се обидеме да го пронајдеме така што ќе се вратиме во историјата и самиот почеток на музичката индустрија.

Настанувањето на синглот

Во првата деценија од дваесеттиот век, музиката најмногу се слушала така што била пуштана од плоча со 10 инчи, која можела да прими само 3-5 минути по страна. Со други зборови, креативноста на музичарите во првата половина на дваесеттиот век била ограничена од технолошките можности. Тоа значи дека поп песната морала да биде кратка за да може да биде објавена како сингл. Секако дека имало и исклучоци, но најчесто биле поврзани со другите музички жанрови, како што е џезот.

Промени кај фолк музиката

На листите со популарни песни и понатаму гледаме дека поголемиот дел од уметниците се држат до ограничувањето од 3-4 минути, но тие рестрикции веќе не се толку строги. За тоа најзаслужен е Боб Дилан. Имено, за разлика од поп музиката, фолк музичарите во шеесеттите години снимале подолги песни бидејќи не биле толку заинтересирани за синглови, туку за продажбата на албуми.

Боб Дилан бил афирмиран и почитуван уметник уште во 1965 година, кога го објави својот познат албум „The Times They Are A-Changing“, а песната „Subterranean Homesick Blues“ се нашла на 39-тото место на листата од најдобрите 40. Потоа следеше објавувањето на песната „Like A Rolling Stone“, која траела подолго од 6 минути и која, без оглед на должината, се појавила на второто место на Билбордовата топ листа. Тоа било преседан и важен момент во историјата на поп музиката.

Рокот се менува, но попот останува ист

Успехот на Дилан ја промени иднината на рок музиката, но не и на попот, кој станувал сè помалку важен. На пример, бендот „Ајрон батерфлај“ ја сними песната „In-A-Gadda-Da-Vida“, која трае 17 минути и која добила и скратена верзија за на радио, но сепак фановите ја преферирале оригиналната подолга верзија. „Лед цепелин“, пак, никогаш не ја објавиле „Stairway to Heaven“ (8:02 минути) како сингл, но песната сепак станала легендарна.

 

 

Зошто тогаш песните не станале подолги?

Ако песна која е подолга од 4 минути може да биде успешна и популарна, зошто тогаш поп ѕвздите и понатаму се ограничуваат?

Томас Тиерни (Thomas Tierney), директор на архивската библиотека на „Сони мјузик“, во интервју за списанието „Мешабл“ (Mashable) тврди дека тоа сега има врска со музичката хипер-продукција и со тоа што публиката нема концентрација да преслуша цел албум, туку само она што го слуша на радио и потоа продолжува понатаму. Секако дека во одредени популарни жанрови, како што се хип-хопот и електронската денс музика, песните се подолги, но тие припаѓаат во сосема посебна клупска култура.

„Сепак тоа е ретко. Младите луѓе и понатаму се најголемите конзументи на поп музиката и тие секогаш ќе сакаат песни од 3 минути“, додал Тиерни.

 

Извори: „Мешабл“ и „Ем-ти-ви“



Врати се горе ↑