Свет

9 февруари, 2018

Зошто се поскапени влезниците за концертите на музичките ѕвезди?

Цените на влезниците за концертите на едни од најголемите музички имиња се доста повисоки во последно време, но причината за тоа не е дека ѕвездите сакаат повеќе пари. Имено, во разговор со Би-Би-Си, менаџерот на англискиот бенд „Блосомс“ (Blossoms), Ден Вулфи (Dan Woolfie) вели дека една од причините е што продажбата на снимки (синглови/албуми) е опадната, а сè поскапо чини подготовката за концерт во живо.

„Што поголемо шоу и што поголема е ѕвездата, поголема е и крајната сметка“, вели тој, додавајќи дека скапа е и продукцијата за Ед Ширан, кој најчесто настапува сам со својата гитара. „Ако мислите дека еден уметник продава 10.000 влезници, секоја по 100 фунти, и само си заминува дома со милион фунти в џеб, тогаш се лажете“, додава Ден.

Зад сцената на турнејата „Mrs. Carter Show“ на Бијонсе во 2013 година

 

Според него, еве некои од причините што концертните влезници чинат повеќе сега.

Продажба на снимки: Луѓето не трошат толку пари на купување музика, туку ја слушаат онлајн или нелегално ја симнуваат од Интернет.

Поголеми шоуа: Огромна е продукцијата за да се постави шоу на турнеја како што е „Formation“ на Бијонсе.

Поголеми очекувања: Луѓето можеби ќе одат на концерт еднаш годишно, па сакаат да биде добро и најчесто концертите се распродаваат мошне брзо.

Повеќе луѓе за плаќање: Поголемо шоу значи повеќе луѓе што работат на него.

„Списокот е бескраен кога станува збор за концерт во живо“, дополнува Ден. „Тука се промотери, менаџери,  агенти за резервирање, менаџери на турнеја, придружни музичари, инженери на звук, инженери на светло, изнајмување на систем за озвучување, на сценографија, камиони за пренос, екипа, дополнителна екипа, кетеринг…“

Тој признава дека имало прашања за концертите на Ед Ширан, бидејќи тој најчесто е сам на сцената. „Најскапото во овој случај е она што е зад него. Ед сè уште има потреба некој да го намести светлото, тој сè уште има потреба од целатаа таа продукција и еден куп луѓе што ќе патуваат на турнеја со него. Единственото нешто што го нема е басист и тапанар, но сè друго е тука.“

 

Но, според списанието посветено на концертната индустрија, „Полстар“ (Pollstar), заработувачката од стоте наголеми ѕвезди во светот се зголемила за 33% од 2011 година, достигнувајќи вкупно 4 милијарди фунти во 2016. На пример, пренесено е дека Адел заработила 142 милиони фунти од нејзината 15-месечна светска турнеја, која започнала во 2016 година.

И покрај сè, луѓето воопшто не се штедат кога станува збор за концерт во живо на своите омилени музички ѕвезди, а очигледно слична е ситуацијата и кај нас, особено заради фактот што не знаеме дали и кога ќе имаме следна пригода да присуствуваме на сличен настан.

Извор: bbc.com

 



Врати се горе ↑