Видео зоран анабела

7 октомври, 2017

Зоран Илиев и Анабела Атијас се победници на „Макфест 2017“

Штипјанецот Зоран Илиев и популарната спрска пејачка Анабела Атијас се победници на 32. издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2017“, чие финале се одржа вечерва во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Нивниот дует насловен „Од утро до вечер“, освен што беше победник и во првата полуфинална вечер, собра најголем број гласови од публиката и во финалето, што им донесе награда од 5.000 евра во денарска противвредност, а за време на победничкиот настап Илиев рече дека дел од парите ќе ги донира во хуманитарни цели.

Инаку, ова е втора победа за штипјанецот, кој претходно триумфираше на фестивалот во 2011 година со темата „Ангели и демони“, а за Анабела ова беше првпат да запее на македонски. Победничката композиција е авторско дело на Стојанче Аврамов, кој се потпишува на музиката и текстот, а аранжманот го направи Зоран Алексиќ (студиска снимка овде).

Второто место и наградата во вредност од 4.000 евра отиде во рацете на кумановецот Мартинијан Кириловски и неговата балада „Дождови“ од авторките Магдалена Божиновска Стојанова (музика и аранжман) и Елизабета Краљеска (текст), а третото место и наградата во вредност од 3.000 евра ја освои младата ѕвезда Антонија Гиговска и нејзината „Погледни ме“ од авторите Кире Костов (музика и аранжман) и Миодраг Врчаковски (текст).

Наградата за најдобар аранжман, која го носи името по легендарниот композитор Драган Ѓаконовски – Шпато, ја освои композиторот Штафан Ставерт за темата „The Land Of My Song“ во изведба на гостинката од Финска, Соња Бишоп, а онаа за најдобра вокална интерпретација, наречена по уште една македонска легенда – Драган Каранфиловски – Бојс, отиде во рацете на белоруската пејачка Ѓунеш за нејзината балада „Неба“.

Најдобриот сценски настап годинава го имаше триото „Само Тони и две жени“, кое со својот прв настап на макфестовската сцена го прослави и својот 4. роденден, а за одличната кореографија се погрижи Ефтим Трајчов Ѓаурски. За најдобри дебитантки, пак, беа прогласени „Девојките“ или „Д чикс“, кои се натпреваруваа со „Боите на љубовта“. Секоја од овие награди е во вредност од 500 евра, а ваучер од 10.000 денари за најдобар стил од штипскиот бренд „Астибо“ освои Бугарката Мартина Иванова.

Додека траеше гласањето, во ревијалниот дел од вечерта настапи двократната победничка на „Макфест“, Александра Јанева, која ги отпеа своите најголеми хитови од досегашната кариера, а најави уште поголема активност на сцената и многу новитети за годинава. Сè на сè, уште едно одлично издание на популарниот штипски фестивал, во чии рамки слушнавме вкупно 29 нови композиции, чиј рок на траење ќе го покаже времето, а нам ни останува да ги слушаме и да уживаме.

Доколку го пропуштивте директниот пренос, целото финале можете да го прегледате овде, a резултатите од гласањето изгледаат вака:

резултати

И.Ј. / Насловна фотографија: Методи Максимов (MetoMax)



Врати се горе ↑