Балкан ZLATOPIS

25 декември, 2013

„Златописот“ на Љубa Нинковиќ достапен ширум светот

Српскиот етно/world music состав Златопис, (кој беше дел и од овогодишниот Балкански Музички Плоштад) предводен од Љуба Нинковиќ, го објави својот истоимен албум за дискографската куќа Мултимедија Мјузик. Интересно е тоа што овој албум е првиот кој истиот ден е објавен и дигитално и во ЦД формат. Во дигитална продажба „Златопис“ е достапен во повеќе од 100 светски дигитални продавници како што се Амазон, АјТјунс, Дизер и Спотифај, со што станува достапен за љубителите на овој музички жанр ширум светот.

Албумот содржи 12 песни, а покрај традиционалните во аранжман на Љуба Нинковиќ, на ЦД-то се најдоа и четири негови авторски композиции, кои секако се претставени во најпозитивно светло, музичкиот жанр world music. Со оглед на тоа што поголемиот број од членовите на Златопис се од рок милјето, албумот изобилува со динамика и подвижност, кои прават интересен контрапункт од изворните и традиционални песни од нашето подрачје. Слушајќи го „Златопис“, се добива впечаток дека е еден од најдобрите начини за изворната музика да се приближи како на пошироката домашна публика, така на публиката во странство, со нејзиното осовременување со свежи и богати аранжмани кои во овој албум ги има во изобилство.

 

Иако ова е албум првенец за Златопис, земајќи ја предвид поранешната работа на членовите на бендот во рамките на истиот музички правец, успехот е загарантиран. Имено, групата Златопис настана од јадрото на некогашниот музички состав Ступови, кој во периодот од 2000-тата до 2009 година во рамките на акцијата „Обновимо себе, подигнимо Ступове“ одржа многубројни концерти во Србија, Република Српска и Црна Гора, гостуваше во Австрија, а албумот на Ступовите е продаден во неверојатни 30 илјади примероци. По завршувањето на акцијата, Љуба Нинковиќ, кој е присутен на регионалната сцена повеќе од 40 години, заедно со неколку членови од поранешниот состав Ступови, одлучува да направи нова world music група наречена Златопис.

Покрај композиторот и аранжер Љуба Нинковиќ, кој на албумот свири и македонска тамбура и гитара, во групата Златопис членуваат и Бојана Брдариќ (главен вокал), Небојша Брдариќ (фрула, кавал и ерменски дудук), Јелена Пеќаранин (вокал), Дејан Шкопеља (бас), Александра Самолов (виолина) и Горан Петровиќ (тапани и ударалки).

За крај уживајте и со една празнична песна од Златопис, темата насловена „Стиже Божиќ“.

 



Врати се горе ↑