Настани Zlatni 2015 jpg

19 јуни, 2015

„Златни денови 2015“ во Кратово: Звуците на македонската музика повторно во градот на мостовите и кулите

„Златните  денови“ и ова лето по втор пат ќе го внесат звукот на македонската музика и мирисот на добрите вибрации  во Кратово, градот на мостовите и кулите. Овој настан обединува, зближува и ја поддржува македонската музичка естрада и сцена, а овој јуни познати македонски и балкански музички ѕвезди ќе ги развеселат кратовчани, но и сите љубители на музиката и добрата забава.

Во времетраење од 3 дена, од 26 до 28 јуни 2015 година, во Кратово ќе се случува вистински музички спектакл. Во текот на овие три дена, сите правци ќе водат кон кратовската калдрма, кон градот кој плени со музика, позитивна енергија и многу познати музички имиња кои никого нема да го остават рамнодушен со тоа што ќе го покажат на сцената.

Богатата програма за овогодинешната манифестација ќе ги задоволи дури и најпребирливите музички вкусови. Во Кратово ќе се случува вистински јунски музички бум, кој на едно место ќе ги собере најпопуларните музички имиња и најпознатите македонски диџеи.

Првиот ден од „Златни кратовски денови 2015“ ќе започне на главната бина од 20.30 до 22.30 часот како вечер посветена на неповторливиот македонски народен пејач, Јонче Христовски, чии песни ќе бидат изведувани од страна на Виолета Томовска, Јордан Митев, Атина Апостолова, Ефто Пупиновски и Блага Петреска. Истите ќе бидат придружувани од оркестарот „Академци“ под водство на маестро Сашо Ливрински.

Всушност од оваа година па натаму, секоја прва вечер од „Златните денови“ ќе биде посветена на некој од големите македонски музички имиња како Јонче Христовски, Никола Бадев, Кирил Манчевски, Гоце Арнаудов, Драган Ѓаконовски – Шпато, Тоше и други  имиња од нашата музичка сцена, но и вечери кои ќе бидат посветени на нештата кои се вечна инспирација за создавачите на музичкатата уметност. Па така ќе се организираат и вечери ВО ИМЕ НА Љубовта, Виното, Македонија и слично.

Овој дел од програмата во оваа прва година во која се започнува со оваа практика го нарековме „ВО ЧЕСТ НА ГОЛЕМИОТ ЈОНЧЕ ХРИСТОВСКИ“.

Во продолжение на вечерта ќе настапат ѕвездите од овогодинешниот „Х ФАКТОР“, но и нашиот минатогодишен победник и претставник на овогодинешниот избор на „Евровизија“ Даниел Кајмакоски. Оваа вечер на главната бина ќе можеме да уживаме и во енергичниот настап на „Куку Леле“. Забавата за присутните ќе продолжи и после полноќ, на базенот во Кратово, каде по 01.00 часот ќе настапат  диџеј Бранчез,  диџеј Жак и диџеј Кокс.

Следниот ден дневната програмата продолжува пред платото на Музејот на Град Кратово, каде ќе настапат: Тамбураши, Чалгии како и локални музичари. Потоа настанот се префрлува на главната бина, каде во вечерните часови од 20.30 часот ќе настапи најекспонираниот етно состав во овој момент кај нас, „Чалгија саунд систем“.

Веднаш потоа е настапот на уште една македонската поп ѕвезда и поранешна наша претставничка на „Евровизија“, Елена Ристеска, која всушност ќе биде жешка најава за вистинската саботна треска која на главната сцена ќе биде додатно вжештена со настапот на човекот со најголем број хитови, Бајага и „Инструктори“. И оваа вечер најиздржливите ќе можат да уживаат во забавата на базенот во Кратово, каде што по 01.00 часот за атмосферата ќе бидат задолжени  диџеј Боби и диџеј Жак.

Последниот ден, во недела во 12.00 часот напладне пред платото на Музејот на Град Кратово ќе настапуваат хорот и солисти на „Златно славејче“ заедно со својот другар и долгогодишен водител на фестивалот Влатко Илиевски, а по нив манифестацијата ќе продолжи на малата сцена пред Домот на културата.

 



Врати се горе ↑