22 февруари, 2015

„Златната Бубамара“ прослави полнолетство

Во четвртокот, 19 февруари, во Универзалната сала во Скопје по 18. пат се одржа манифестацијата „Златна Бубамара на популарноста“, овој пат под мотото „Смеете да се смеете“. Со многу смеа и музика, улогата на домаќин и овој пат му припадна на познатиот актер Сашко Коцев. Златните бубамари им беа доделени на најуспешните во изминатата 2014 година, а настапија и голем број музички ѕвезди од Македонија и регионот.

Признанија за животно дело и особен придонес кон македонската забавна музика добија трите прекрасни дами  – Верица Ристовска, Даниела Панчетовиќ и Зорица Поп Анкова, кои нè потсетија за нивните најголеми хитови од седумдесеттите години на минатиот век. Наградата „Откритие на годината“ отиде во рацете на малиот Трајче Ѓоргиев, кој на сцената настапи заедно со добитникот на наградата „Пејач на годината“ – Даниел Кајмакоски. За „Хит на годината“ беше избрана темата „Тажна љубов, среќна песна“ на Тамара, која минатата година беше прогласена и за „Апсолутен радиски хит“ на „МАРС 2014“. „Сеирот“ на Влатко Стефановски ја освои наградата „Албум на годината“, „Љубојна“ е „Етно група на годината“, а за „Најдобар видео запис“ беше прогласена екранизацијата на „Дими џам“ од Слаткаристика, Тајзи и Ферус Мустафов.

Специјални гости на вечерта беа познатиот босански музичар Дино Мерлин и легендарниот член на „Топ листа надреалиста“, музичарот и писател Неле Карајлиќ, кои добија награди за животно дело.

Награди добија и новинарот Ерол Ризаов за најчитана страница, „Коза ностра“ за најпопуларна веб страна, за најдобра емисија за хумор и сатира е прогласена „Зевзекманија“. Бубамарата за „Најдобра тв емисија“ отиде во рацете на водителот Жарко Димитриоски, за емисијата „Еден на еден“, а во категоријата „Ин Мемориам“, Бубамарата му припадна на тимот на легендарното шоу „К-15“.

За сите кои немаа можност во живо да ја проследат годинешната манифестација, снимката ќе се емитува вечерва во 20.00 часот на Канал 5.



Врати се горе ↑