Македонија 10510325_10201839671665789_871142936_n

3 јули, 2014

„Златна сирена“ и прво место за Димитар Андоновски на „Сунчане скале 2014“

Вчеравечер во Херцег Нови, Црна Гора, се одржа првата фестивалска вечер, односно натпреварувачкиот дел од јубилејното 20-то издание на „Сунчане скале“. Од вкупно 25 композиции кои се натпреваруваа синоќа, со освоени 93 поени за баладата „Ако ме боли“, Димитар Андоновски е победник на ова јубилејно издание од познатиот фестивал. Исто така, голем успех постигнаа и Евгенија Чанчалова и  Александар Тарабунов; композицијата „Дај ми да сонам“ на Еги ѝ го донесе второто место со освоени 82 поени, а „Глумила је анџела“ на Тара собра 38 поени освојувајќи 8 место.

По неодамнешната промоција на неговиот деби албум и новиот видео запис, Андоновски продолжува да реди успеси, па се надеваме дека оваа прекрасна златна статуетка ќе му донесе среќа и за неговите следни предизвици, како што е интернационалниот фестивал „Славјански базар“ кој ќе се одржи од 10-14 јули во Витебск, Белорусија, а за кој учество обезбеди освојувајќи ја Гран При наградата на минатогодишниот фестивал „Езерски бисери“ во Струга.

По повод јубилејот, вечерашната втора вечер на „Сунчане скале“ ќе има ревијален карактер. Првиот настап е резервиран токму за победникот Димитар Андоновски, по него следи премиерната изведба на новиот сингл „Само не ќути“ на Јоце Панов, а 14-ти по ред ќе настапи и Александар Белов со темата „Реци да ме не волиш“. Меѓу 24-те изведувачи вечерва ќе се најдат и бројни музички имиња од целиот регион како што се Жељко Јоксимовиќ, Гоца Тржан, Горан Каран, Бојан Маровиќ, Владо Георгиев, Борис Новковиќ, Сергеј Четковиќ, Ивана Банфиќ, групата Колонија, Јелена Томашевиќ, Марија Шерифовиќ и други.

И.Ј.



Врати се горе ↑