Македонија

12 септември, 2018

Златна роза за најдобра режија за филмот „Мејкинг оф“

Специјална награда за најдобра режија „Златна роза“ освои македонскиот филм „Мејкинг оф“ на режисерот Кузман Кузмановски на 6. издание на меѓународниот филмски фестивал „Славјанска приказна“ кој се одржува во Софија. Филмот беше прикажан на 8 септември пред бројна публика во рамките на фестивалот кој трае од 7 до 10 септември 2018 година во Софија, Бугарија.

„Оваа награда доаѓа по само неколку дена од премиерата на филмот. Тоа е потврда на правилото дека кога нешто се работи од срце, тоа ќе биде забележано и вреднувано. И се заблагодарувам на целата екипа која се вложи максимално професионално во овој филм“, вели режисерот Кузмановски.

Во моментов филмот е на репертоар на кино „Синеплекс“.

Станува збор за интригантна приказна за една девојка со тешка судбина и тројца млади луѓе кои се решаваат заедно да тргнат на патешествие – да снимат филм.

Кинематограф на филмот е Марко Петрушевски, а актерската екипа ја сочинуваат Александар Микиќ, Александра Павлова, Владо Дојчиновски, Ванчо Петрушевски, Хана Менсон, Дубравка Киселички, Катина Иванова, Љупчо Бојковски, Лазе Манасков, Пирунка Киселички, Мартин Минговски.



Врати се горе ↑