Македонија

17 февруари, 2018

„Златна бубамара“ за трајни вредности за Маја Оџаклиевска

Позната е уште една добитничка на наградите од претстојното 21. издание на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, а тоа е легендарната Маја Оџаклиевска, која ќе се закити со признанието за трајни музички вредности. Тоа го откри главниот човек на „Бубамарата“, Ранко Петровиќ, кој во разговор со МИА соопшти дека годинава ќе бидат доделени вкупно 23 награди.

Ќе има 23 награди. За животно дело награда ќе добие октетот ’Македонија’. За трајни музички вредности ќе ви откријам една награда – за нашата најголема поп-дива Маја Оџаклиевска. Како и секогаш, музичката програма е богата, но друго не откриваме зашто сценариото е секогаш дискрециско право, а сметка полагаме кога луѓето ќе си заминат насмеани. Затоа и велиме: ’Колку и да трае, ќе си седите… и ќе се смеете!’ Наградите ги доделува Академијата на ’Златна бубамара’, која ја сочинуваат 21 член, од кои четворица до шестмина се нови, односно нив ги менувам секоја година. Ги држам во тајност за да нема притисоци и за да имаат правична одлука. Јас сум претседател на Академијата, пофалбите доаѓаат до мене, а исто така и ако нешто сме згрешиле. Но, досега сум оставил чист образ“, рече тој.

За самата манифестација, која за првпат ќе се одржи во ВИП арената „Борис Трајковски“, вели дека ќе изгледа како вистинско телевизиско студио. „Шоуто го приспособуваме кон една голема сала, од која правиме не спортска или концертна, туку телевизиска концертна сала. Во изминатите три недели ја подготвуваме сценографијата за новиот простор и сцената ќе биде првпат така поставена и гледачите на телевизија ќе бидат задоволни“, дополни Петровиќ, а целиот разговор прочитајте го овде.

21. „Златна бубамара на популарноста“ ќе се одржи на 22 февруари.



Врати се горе ↑