13 јануари, 2015

„Златен глобус“ за „Glory“ на Џон Леџенд и Комон

Темата „Glory“, која Џон Леџенд и Комон ја снимија за филмот „Селма“, на годинешното доделување на наградите „Златен глобус“ беше наградена со статуетка во категоријата „Најдобра оригинална песна“. Ова филмско остварување во режија на Ава ДиВернеј ја раскажува приказната за трите историски маршови од Селма до Мотнгомери, кои во 1965 година доведоа до едно од најзначајните достигнувања на Афроамериканците – законот за право на глас.

Меѓу номинираните во категоријата за „Најдобра оригинална песна“ беа и темите „Big Eyes“ од Лана Дел Реј за истоимениот филм на Тим Бартон, „Mercy Is“ од Пети Смит  за филмот „Ное“, Opportunity“ од Сиа за филмот „Ени“ и Yellow Flicker Beatод Лорд за најновиот дел од серијалот „Игри на глад“. Победничката нумера „Glory“, која на Леџенд и Комон им го донесе првиот златен глобус, денеска доби и официјален видео запис, а како изгледа сето тоа можете да погледнете горе.

Дел од овие композиции влегоа и во поширокиот избор во истата категорија за претстојните Оскари, а номинациите во сите категории ќе бидат објавени во четврток, 15 јануари.

Инаку, 72. доделување на „Златните глобуси“ се одржа во неделата, 11 јануари, а триумфираше уникатниот филм „Момчештво“, кој се снимаше цели 12 години. Наградата за животно дело ја доби Џорџ Клуни, кој, примајќи ја статуетката, изрази сочуство за загинатите новинари од „Шарли ебдо“ и говорот го заврши со реченицата „И јас сум Шарли“. Водителки на манифестацијата беа актерките и комичарки Тина Феј и Еми Поулер,  а победниците во сите категории можете да ги погледнете во продолжение.

Најдобра драма: „Момчештво“ (Boyhood)

Најдобар мјузикл/комедија: „Гранд хотел Будимпешта“ (Grand Budapest Hotel)

Најдобра телевизиска серија, драма: „Афера“ (The Affair)

Најдобра телевизиска серија, мјузикл или комедија: „Транспарент“ (Transparent)

Најдобра мини-серија или филм за телевизија: „Фарго“ (Fargo)

Најдобар актер во драма: Еди Редмејн во „Теоријата за сè“ (The Theory Of Everything)

Најдобар актер во комедија или мјузикл: Мајкл Китон во „Брдмен“ (Birdman)

Најдобра актерка во драма: Џулиен Мур во „Сè уште Алис“ (Still Alice)

Најдобар актер во телевизиска серија, драма: Кевин Спејси во „Куќа од карти“ (House of Cards)

Најдобра актерка во телевизиска серија, драма: Рут Вилсон во „Афера“

Најдобар актер во телевизиска серија, комедија или мјузикл: Џефри Тамбор во „Транспарент“

Најдобра актерка во комедија или мјузикл: Ејми Адамс во „Големи очи“

Најдобра машка споредна улога во филм: Џеј Кеј Симонс во „Ритамот на лудилото“ (Whiplash)

Најдобра женска споредна улога во филм: Патриша Аркет во „Момчештво“

Најдобра актерка во телевизиска серија, комедија или мјузикл: Џина Родригез во „Девицата Џејн“ (Jane the Virgin)

Најдобар актер во мини-серија или телевизиски филм: Били Боб Торнтон во „Фарго“

Најдобра актерка во мини-серија или телевизиски филм: Меги Џиленхал во „Чесната жена“ (The Honorable Woman)

Најдобра машка споредна улога во серија, мини-серија или телевизиски филм: Мет Бомер во „Нормално срце“ (The Normal Heart)

Најдобра женска споредна улога во серија, мини-серија или телевизиски филм: Џоан Фрогат во „Опатијата Даунтон“ (Downton Abbey)

Најдобар режисер: Ричард Линклејтер за „Момчештво“

Најдобро сценарио: „Брдмен“ (Birdman)

Најдобар филм на странски јазик: „Левијатан“ (Leviathan) од Русија

Најдобар анимиран филм: „Како да го тренираш твојот змеј 2“ (How To Train Your Dragon 2)

Најдобра оригинална песна: „Glory“ од „Селма“

Најдобра оригинална музика: „Теоријата за сè“ (The Theory Of Everything)

 



Врати се горе ↑