Аудио

21 септември, 2018

„Зид мортал“ се враќа со „Монопол и ризико“

По подолга дискографска пауза, конечно пристигна новиот, трет по ред студиски албум на белградската рок-постава „Зид мортал“. Станува збор за изданието насловено „Монопол и ризико“, кое излезе за етикетата „Тејк ит ор лив ит рекордс“ (Take It Or Leave It Records) и чија промоција започна на 20 септември на брановите на Радио 202, во емисијата „Демо-експрес“ на легендарниот Влада Јанковиќ Џет.

Албумот „Монопол и ризико“ е производ на многу бессони часови студиска работа, дело на многубројни гости и соработници, што говори дека „Зид мортал“ направи албум со модерна продукција, со голема доза емоции на кои навикнал нашиот рокенрол. Снимател на албумот е Марко Живановиќ, а миксот и мастерот се дело на Драган Петрониќ.

Линкови за албумот „Монопол и ризико“:

Дизер

Амазон

Гугл плеј

 

На албумот свиреа: Ненад Шобиќ (вокал, гитара), Горан Шобиќ (гитара), Слободан Бугарчиќ (гитара), Жељко Аџиќ (клавир), Ѓорѓе Голубовиќ (бас-гитара), Милан Јејина Јеки (тапани).

Како гости на албумот се појавуваат: Јована Милошевиќ (Маракуја), Милена Бранковиќ (Тригер), Катарина Поповиќ (Етар), Роберт Периќ (Фјуд, Рапид форс), Видоја Божиновиќ – Џинџер (Рибља чорба), Никола Зориќ (Рибља чорба) и Никола Демоња помладиот.

Дизајнер на обвивката е Иван Апостоловиќ Апостол.

 

„Името на бендот нè потсетува дека животот е ограничен и со самото тоа вреден. ’Зид мортал’ сака, со автентичната авторска музика да прати порака дека вистинскиот рокенрол може да постои. ’Монопол и ризико’ е тука за да нè опомене дека живееме во свет на друштвени игри и дека постојат правила на игрите. Целиот свет во кој живееме стана талон за друштвени игри – монопол и ризик. Но, она што се промени е дека монопол играат војниците, а ризик бизнисмените. Ние сме во таа игра препуштени сами на себе и зависиме од среќата и фрлањето на коцката“, вели Горан Шобиќ – Сирано. 

Првиот видео-сингл, кој беше лансиран истовремено со албумот, наменет е за песната „Пет минута сам“. Текстот зборува за млад човек кој е свесен дека на светот има премногу негативни појави, дека има премногу мрак. Би сакал нешто да промени, но сфаќа дека времето на револуциите поминало, дека сè потешко е да се бори за идеали и да го промени светот на подобро, па затоа тој ги користи своите пет минути самотија „да се задоволи себеси“ и така, барем на момент, „да го обои црниот свет“.

Видеото го прикажува светот како затвор и луѓето кои во него живеат несвесни за тоа. Оние кои се свесни, се обидуваат да пронајдат излез. Видеото го режираше Горан Шобиќ – Сирано, за снимањето се погрижија Владимир Талијан и Никола Поповиќ, а за монтажата и композингот беше задолжен Милан Пејновиќ.

 

 

Уметниците се највредниот дел од човештвото, тие имаат моќ да го видат и разберат светот така што на другите им го предочуваат како слика, филм или музика, и тие се слободни. Пораката на видеото посебно се однесува на земјите од регионот, бидејќи сите ние живееме слични животи, зборуваме слични јазици и едни со други во сè можеме да се разбереме. Желба ми е да сфатиме дека додека другите си играат со нашите животи, забораваме на сето она убаво што го поседуваме сите ние во регионот и што ни е заедничко. Ајде да маргинализираме сè грдо што нè опкружува“, рече Шобиќ.

Третиот студиски албум на „Зид мортал“ е објавен за издавачката куќа „Тејк ит ор лив ит рекордс“. Бендот досега има објавено два албума – „Искон“ (2001) и „Свемир и људска глупост“ (2005). Свиреле на фестивалот „Егзит“, белградскиот пивски фестивал, „Гитаријадата“ во Заечар, како гости на настапите на „Рибља чорба“…

Горан Шобиќ – Сирано, освен што е музичар, има објавено и две книги со песни – „Овде ко уџе не излази жив“ и „Бергер је крив“. Бил автор и водител на култната радио-емисија „Џитербег“, посветена на љубовта и рокенролот. Оттука и псевдонимот Сирано.

 



Врати се горе ↑