Видео

26 април, 2019

Живе Мешуревски дебитира со „1001 ноќ“

„Илјада и една ноќ, љубов барам, љубов стара, таа в срце што ми остана“, ова се стиховите преку кои нова ѕвезда на македонското музичко небо, освен што бара стара љубов, трасира и пат по кој планира во иднина да гради музичка кариера. Музиката ја напиша Дејан Момировски, стиховите Борче Нечовски, а ги отпеа ресенчанецот Живе Мешуревски. Уште еден студент од Музичката академија во Скопје кој почнал со хармоника, продолжил со пијано, за денес во класата на професорот Горан Начевски, да студира соло-пеење. Овие денови теоретскиот дел на своето знаење го прикажа и со песната насловена 1001 ноќ“.

„Класичната музика е моја прва љубов и таму одлично се снаоѓам, но една ваква песна е моја дамнешна желба. Го сакам македонскиот фолклор, богат е со емоции, со звуци, со ноти… со кои што јас живеам целиот свој живот. Нема да застанам тука, песните ќе се редат во низа сè до снимањето албум. Дотогаш, останувам посветен на музиката, но и на оној теоретскиот дел на Факултетот за музичка уметност“, вели Мешуревски.

Мешуревски е популарен баритон низ битолските музички кругови, од каде што почнало и неговото музичко образование. Генерациите што минуваат низ ова училиште, се сеќаваат на неговите изведби на Моцарт и Чајковски. Освен што редовно настапува пред македонската публика, Мешуревски не ретко е надвор и од границите на Македонија.

За „1001 ноќ“ продукцијата „Арт студио“ сними и видео во кое покрај Живе, се појавува и колешката Мила Николовска, а како изгледа и звучи сето тоа дознајте во продолжение. Уживајте!

Извор: Вистина.мк



Врати се горе ↑