Аудио zm

31 март, 2015

Зејн Малик веќе има нова песна

Иако пред само недела дена официјално ја напушти групата „Уан дајрекшн“ и изјави дека не сака да биде во центарот на вниманието, Зејн Малик веќе ја сними својата прва песна како соло изведувач, а во тоа му помогна познатиот британски продуцент Ноти Бој. Станува збор за песната насловена I Wont’ Mind, која веројатно била создадена во текот на изминатиов викенд.

„Музиката нека Ви раскаже сè. Ќе ни се заблагодарите подоцна“, напишал продуцентот објавувајќи ја демо снимката од емотивната балада со примеси на фолк, во која Малик е придружуван само на гитара. Меѓутоа,  откако поранешниот колега на Зејн, Луис Томлинсон се пожалил дека Ноти Бој нема почит кон фановите на групата и избрзал со објавувањето песната, истата набрзо беше отстранета од „Спотифај“, така што во моментов се достапни само снимки од други фанови на пејачот.

 

Инаку, 22-годишниот пејач, кој стана член на популарната група благодарение на учеството на британскиот „Х фактор“ во 2010 година, официјално ја напушти групата на 25 март, а во соопштението изјави:

„После 5 неверојатни години, Зејн Малик одлучи да ја напушти ’Уан дајрекшн’. Најл, Хари, Лиам и Луис ќе продолжат да работат како четворка и им се радуваат на претстојните концерти, светската турнеја и снимањето на петтиот албум, кој ќе го објават во текот на годинава“, се вели во официјалната изјава потпишана од Зејн.

„Мојот живот со ’Уан дајрекшн’ беше и повеќе од тоа што некогаш сум можел да го замислам. Но, после пет години чувствувам дека е вистинско време да го напуштам бендот. Сакам да им се извинам на фановите ако ги изневерив, но морам да го направам тоа што чувствувам дека е точна одлука. Заминувам бидејќи сакам да бидам нормален 22-годишник, кој има можност да се опушти и да ужива во приватниот живот, далеку од центарот на вниманието на јавноста. Знам дека во Луис, Лиам, Хари и Најл имам четири пријатели за цел живот. И знам дека ќе продолжат да бидат најдобриот бенд на планетата“, додал Зејн.

Во својата официјална изјава, „Уан дајрекшн“ рекоа: „Многу ни е жал што Зејн си заминува, но изминатите пет години беа и повеќе од феноменални, заедно поминавме сè и сешто и ќе бидеме пријатели засекогаш. Ние четворицата ќе продолжиме како бенд и им се радуваме на снимањето на новиот албум и новите песни, како и дружењето со фановите на концертите ширум светот“.

По овој повод се огласи и Сајмон Кауел, кој ги откри и ги собра момците на „Х фактор“:

„Би сакал да му се заблагодарам на Зејн за сè што направи за ’Уан дајрекшн’. Откако го запознав во 2010 година, во истиот момент бев горд на него. Го гледав како расте и најискрено ми е жал што си заминува од бендот. Што се однесува на групата, фановите можат да бидат мирни, бидејќи Најл, Лиам, Хари и Луис се многу возбудени за сето она што ги очекува во иднина!“, заклучил познатиот менаџер, a веќе се шпекулира дека мирно ја прифатил оваа одлука бидејќи Зејн и како соло изведувач ќе продолжи да објавува материјали за неговата етикета „Сај-ко“ (SyCo). 

 



Врати се горе ↑