Видео

10 мај, 2019

Зејн и Жаваја ја препеаја „A Whole New World“ од „Аладин“

Уште еден од Дизниевите анимирани класици годинава ќе си добие и играна верзија, а тоа секако дека значи и нови верзии на познатите песни што ги слушавме во омилените филмови. Имено, како загревање за претстојната премиера на „Аладин“, денеска во продажба ќе биде пуштен и саундтракот, а како најавен сингл вчера стигна „A Whole New World“, овој пат во изведба на британската ѕвезда Зејн Малик и 18-годишната американска пејачка во подем, Жаваја Ворд.

За среќа, аранжманот на песната не е многу променет во однос на оригиналот, освен што е збогатен со малку ориентални звуци, соодветни за самата приказна. Потпишана од композиторот Алан Менкен и текстописецот Тим Рајс, оригиналната верзија од 1992 година освои Оскар и Златен глобус за најдобра оригинална песна, како и четири Греми, вклучувајќи ја и главната награда за песна на годината, а како звучи сето тоа во изведба на Зејн и Жаваја дознајте во продолжение.

 

Исто како и за оригиналниот анимиран филм, музиката и овој пат ќе биде дело на Менкен, а на саундтракот ќе ги слушнеме и новите верзии на „Arabian Nights“, „Friend Like Me“ и „Prince Ali“, како и неколку сосема нови песни потпишани од Менкен и авторското дуо што застана зад филмскиот хит „Ла ла ленд“ – Пејсек и Пол.

Играната верзија на „Аладин“, врз основа на истоимената приказна од „Илјада и една ноќ“, е во режија на Гај Ричи, а по сценарио на Џон Огаст. Главните ликови ги добија не толку познати актери, односно како насловниот лик ќе го видиме канадскиот актер Мена Масуд, принцезата Јасмина е британската актерка и пејачка Наоми Скот, а доста контроверзна беше одлуката Духот да го игра Вил Смит.

50-годишниот актер и музичар доби навистина тешка задача да го замени незаменливиот Робин Вилијамс, кој успеа да направи легенда од синиот Дух, па многумина коментираа дека Смит е погрешен избор за оваа улога. Некогашниот „Свеж принц од Бел-Ер“ сепак се обиде да даде свој печат, особено кога станува збор за музиката, па во дел од песните ќе го слушнеме и како рапува.

„Аладин“ пристигнува во кино-салите на 24 мај, а најновиот трејлер погледнете го во продолжение:



Врати се горе ↑