Аудио

15 декември, 2018

Зејн го објави вториот албум „Icarus Falls“

Зејн Малик го објави долгоочекуваниот втор албум што го наследува мошне успешното првенче „Mind Of Mine“ (2016), каде што го смести и уште поуспешниот деби-сингл „Pillowtalk“. Имено, после речиси десет најавни синглови, изданието насловено „Icarus Falls“ стигна вчера, а на него се најдоа дури 27 песни, вклучувајќи ги и претходно објавените хитови како што се „Let Me“ и дуетот со Сиа за „Dusk Till Dawn“.

Некогашниот член на тинејџерската сензација „Уан дајрекшн“ му даде една митолошка нота на овој албум, како метафора за митот за Икар, кој иако предупреден од татко си Дедал, сепак се вивнува во височините, но паѓа откако сонцето ќе го стопи восокот со којшто ги залепил крилјата за себе… „Викај ме Икар. Изгледа летав преблиску до сонцето“, вели тој на средината на албумот, преминувајќи од претходно поведрите кон помрачни песни, за на крајот да заклучи дека „човек може да се промени“.

За 27-те песни од изданието Зејн соработуваше со повеќе продуценти, меѓу кои и хитмејкерите Тимбаленд и Грег Крстин, кој се потпишал на бројни хитови од имиња како што се Адел, Сиа, Пинк… Повеќето од песните се веќе објавени и на Јутјуб, па истите можете да ги преслушате во продолжение (или овде). Уживајте!



Врати се горе ↑