Аудио

30 ноември, 2018

Зејн го најави новиот албум со „Rainberry“

По распадот на сензацијата „Уан дајрекшн“, петте момчиња од оваа британска група започнаа соло-кариери, секој од нив со помал или поголем успех, а дефинитивно голем успех постигна Зејн Малик, кога со првенчето „Mind of Mine“ (2016) дебитираше на врвот на британската топ-листа.

Неговите бројни обожавател(к)и сега конечно можат да се израдуваат бидејќи за само 2 недели ќе стигне и долгоочекуваното второ студиско издание на Зејн насловено „Icarus Falls“ што ќе содржи дури 27 нумери. Меѓу нив ќе се најдат и веќе објавените шест синглови: „Let Me“, „Entertainer“, „Sour Diesel“, „Too Much“, „Fingers“ и „No Candle No Light“ (со Ники Минаж), како и штотуку објавената „Rainberry“, додека дуетот со Сиа за „Dusk Till Dawn“ ќе биде сместен само на луксузната верзија, како бонус-трака.

 

Првично закажан за септември минатата година, албумот доаѓа со задоцнување заради неодлучноста на Зејн кои песни да ги стави на изданието. „Секој ден наидувам на некоја нова песна и ја заменувам со друга. Материјалот е 90% готов, но сè уште имам некои дилеми“, открил пејачот, кој на новиот материјал соработуваше со бројни продуценти, меѓу кои и Тимбаленд и Грег Крстин (Адел, Сиа, Пинк…).

„Icarus Falls“ ќе стигне на 14 декември во издание на „Ар-си-еј рекордс“ (RCA Records).



Врати се горе ↑