Свет 10647220_759805880725068_4309681937533563633_n

6 септември, 2014

Заз ќе објави албум посветен на Париз

Популарната француска пејачка која се прослави со хитот „Je veux“, 34-годишната Изабел Жефроа позната само како Заз, ќе посвети цел албум на најромантичниот град во светот, француската престолнина Париз. Изданието насловено едноставно „Paris“ ќе содржи дванаесет модерни преработки на познати француски шансони кои го опеваат градот на светлината, како што се À Paris“  од Ив Монтан, Les Champs Elysées“ од Џо Дасен, химната „Sous le Ciel de Paris“ на Едит Пјаф, „Paris Canaille“ на Лео Фере, односно верзијата која во 1939 година ја претстави Морис Шевалие„Paris sera toujours Paris“. Како што може да се забележи, сите песни имаат наслови кои го содржат името на француската престолнина, а дел од нив ќе бидат и дуети со младата талентирана џез пејачка Ники Јанофски (Nicky Yanofsky), Тома Дитрон (Thomas Dutronc), како и легендарниот Шарл Азнавур со кој Заз ќе ја отпее „J’aime Paris Au Mois de Mai“.

Интересно е тоа што за новото издание Заз соработува и со легендарниот американски композитор и продуцент Квинси Џонс, кој влезе во историјата на поп музиката како продуцент на историските изданија „Off The Wall“, „Thriller“ и „Bad“ на Мајкл Џексон и чија шестдецениска кариера започнува токму со џез музиката. Џонс е добитник на 27 Греми награди, вклучувајќи ја и наградата за „Греми легенда“ од 1991 година.

Третото студиско издание на „модерната Едит Пјаф“ се очекува да излезе на 10 ноември, а како прв сингл од претстојното издание наскоро ќе биде претставена темата „Paris sera toujours Paris“. Дел од атмосферата за време на снимањето на новиот албум можете да погледнете во продолжение.

 

 И.Ј.



Врати се горе ↑