Балкан mladen-lena-ivan-kiko-x-factor

27 ноември, 2013

Завршија аудициите на X Factor, следната недела започнува регрутниот камп

Синоќа се емитуваше четвртата емисија од првото издание на регионалниот X Factor, во која беа прикажани последните аудиции, а веќе од следниот вторник ќе имаме можност да ја гледаме понатамошната селекција на кандидатите, односно регрутниот камп. Во вчерашната емисија можевме да ги видиме и аудициите на неколку македонски кадидати меѓу кои и добро познатиот победник на првиот Македонски Идол, Иван Раденов кој настапи со неговиот брат Кико, изведувајќи ја „All That She Wants“ од групата Ејс оф Бејс. Со 4 позитивни одговори, Иван и Кико продолжуваат понатаму.

Во видеото во коешто се наоѓа аудицијата на Иван и Кико, прикажани се уште неколку интересни аудиции како што се раперите Јасмин и Ведад од Сараево и Зеница, кои навистина воодушевија со нивната изведба, а интересен беше и настапот на сестрите Нели и Нада ал Махмуд од Подгорица. Како изгледаше сето тоа погледнете во продолжение.

 

Уште еден забележителен настап имаше и нашата Лена Заткоска, која живее во Скопје, но е родена во Мелбурн, Австралија. Лена е веќе позната за македонската јавност, позади себе има два настапи на фестивалот Макфест – во 2005 година се претстави со песната „Тука сум своја“ , а минатата година ја отпеа „Срце не заборава“. И нејзиниот настап ги воодушеви сите присутни, а со изведбата на големиот хит „I Will Always Love You“ од Витни Хјустон си обезбеди 4 позитивни одговори со кои продолжува во следната фаза од натпреварот, односно регрутниот камп.

 

Следниот македонски кандидат кој беше вистинско изненадување е Младен Ничиќ од Кавадарци. Неговата аудиција може да се опише на овој начин: Македонец со српско презиме кој прее на грчки и турски јазик! Дали оваа формула ќе се покаже како успешна, ќе видиме во понатамошниот тек на натпреварот, затоа што и Младен доби 3 позитивни одговори од жирито, иако Емина (која живее и има кариера и во Турција) не успеа да разбере ниту еден збор од неговата верзија на песната „Şimarik“ од Таркан. Како изгледаше сето тоа можете да видите во продолжение.

 

Можеби највпечатливата аудиција ја имаше 29-годишниот стружанец Даниел Кајмакоски, кој живее во Виена, Австрија. Со својата одлична изведба Кајмакоски заслужено го доби епитетот „потенцијален победник на X Factor“. Во продолжение погледнете ја неговата аудиција, потоа и сите други кои беа дел од вчерашната емисија, а сите останати видеа можете повторно да ги прегледате на ЈуТјуб каналот на X Factor Adria.

 



Врати се горе ↑