Галерија 12316201_965973440127954_1772319952880625090_n

8 декември, 2015

Заврши несекојдневно позитивниот, разигран, интензивен и разновиден „Таксират 17“

Со одржувањето на главната вечер, вчера во арената „Метрополис“ во Скопје беше официјално затворено 17. издание на фестивалот „ТАКСИРАТ“, кој помина со одлична забава и во неверојатно позитивна атмосфера. Завршната прослава на „ТАКСИРАТ 17“ ја отвори групата „Сабатон“, а фестивалот го одбележаа и настапите на „Лајбах“, „Па пегатина“, „Ту челос“, „С.А.Ф.“ со Тони Китановски и „Литл биг бенд“ и „Модстеп“.

Со долгоочекуваниот прв настап пред македонската публика, „Сабатон“ ја отвори главната вечер на „Таксират“ и ја загреа веќе многубројната публика со својот моќен и масивен звук, но и атрактивниот изглед на сцената.

Атмосферата веќе беше одлична, а по нивниот настап, арената „Метрополис“ татнеше во звукот на маестралните и единствени „Лајбах“ и нивниот перфектен перформанс кој покрај музиката, беше надополнет и со визуелни детали и видео проекции.


Следни беа шпанците „Ла пегатина“, кои ја разиграа публиката со својот енергичен ритам и жесток настап, а таа секако ќе го памети нивниот харизматичен концерт. И тие, членовите на групата воодушевени од атмосферата, по нивниот сет, додека сцената се подготвуваше за следниот изведувач, се симнаа со своите инструменти меѓу публиката и заедно, еуфорично ја продолжија забавата.


Со последните тактови од нивната музика, забавата во арената се движеше кон својот врв, а следниот изведувач кој ја освои бината на „ТАКСИРАТ 17“ беше светската атракција „Ту челос“. За време на нивниот одличен настап и избор на нумери, сѐ се спои во магична синергија на хрватското дуо и публиката составена од илјадниците луѓе со различни возрасти, вкусови, стилови.


Посебно најавеното изненадување, или повеќе привилегија на „ТАКСИРАТ“, беше настапот на легендите на македонскиот хип-хоп „С.А.Ф.“ со ТОНИ КИТАНОВСКИ  и „Литл биг бенд“, чиј настап постојано беше проследен со овации од публиката која прв пат имаше можност да го чуе култниот албум „Сафизам“ изведен во придружба на бенд. Препознатливата хип-хоп жестина на „С.А.Ф.“ и префинетите џез линии на меастро Тони Китановски пробиваа низ звучниците во одличен спој!

Крајот на вечерта беше означен со енергичниот дабстеп на извонредната лондонска група „Модстеп“, чиј диџеј состав ја презеде сцената во арената „Метрополис“ за полноќниот дел од забавата – сѐ до раните утрински часови.

Само главната вечер на „Таксират“ успеа да привлече околу 7.000 посетители со кои заедно го прославивме затворањето на 17. едиција на фестивалот. Оваа година фестивалот „Таксират“ подготви многу дополнителни активности и настани на кои публиката имаше ретка пригода да се забавува. Атрактивните имиња и дополнителната програма совршено ја надополнуваа музичката понуда која се одвиваше изминативе 10 дена на три различни локации. Во некои од овие денови истовремено се одржуваа и по три различни настани, а секој од публиката на „Таксират“ можеше да го пронајде своето омилено место и настан за забава или уживање.

17. издание на „ТАКСИРАТ“ пречека скоро 60 изведувачи од над 26 земји во Европаактуелни ѕвезди и оние кои допрва ќе блеснат на музичката сцена, а сите тие во рамките на: меѓународната ПИН музичка конференција, „ЛУЗЕР ФЕСТ“, концертот на „РУНДЕК КАРГО ТРИО“, настанот за пензионери „РЕТРО МАТИНЕ, стенд-ап шоуто ЃУРОЛОГИЈА“, настаните TAKSIRAT VOLUNTEERS DAY и „20 ГОДИНИ ТЕ САКАМ, концертот на „ТУ ЧЕЛОС“ и главната вечер на „ТАКСИРАТ 17“!

Одлична музика, многу забава и прекрасно дружење. Овие 10 дена нам ни се чинеше дека целиот град пулсира како едно, како ТАКСИРАТ. Повеќе од 18.000 посетители ги посетија десетте дена на фестивалот „ТАКСИРАТ“ во потрага за добра забава и незаборавни спомени, а судејќи по насмеаните лица и еуфоријата која го освојуваше просторот – секако успеаја во намерата.

ТАКСИРАТ“ повторно покажа дека може да се направи уште еден чекор напред во квалитетот и квантитетот на фестивалската понуда кај нас. Се покажа дека и публиката живее со фестивалот, чиј интерес оваа година го потврдија и трите целосно распродадени настани со недели пред нивното одржување.

Огромна благодарност до сите посетители, пријатели, партнери на фестивалот и сите кои на кој било начин беа дел од реализацијата на ова издание на најголемиот и единствен од овој профил музички фестивал во Македонија. Зад нас е уште еден од најважните културни и музички настани во Македонија. Заврши „Таксират 17“!

За атрактивните настапи во целосната програма на ТАКСИРАТ годинава беа задолжени:

Modestep,
С.А.Ф. & Тони Китановски Little Big Band,
2CELLOS,
La Pegatina,
Laibach,
Sabaton,
Ѓурологија (Бранко Ѓуриќ Ѓуро),
Rundek Cargo Trio,
PMG Kolektiv,
Sethstat,
The John,
Robotek,
Нино Наумов,
Дарко Јорданов,
Alberthain,
Ludovik Material,
Канџија и Голе жене,
Pannonia Allstars Ska Orchestra,
The Government,
Летечки Пекинезери,
Foolish Green,
June,
Zrni,
Project 2501,
Formless Terror,
Project Orpheus,
The Ills,
Chalgia Sound System,
Joycut,
Ljubojna Brass Fantasy,
Pluto’s Doubts,
Ex-You,
Asteroid,
Визија,
Broooka Band,
Metanoia,
Gargoyles,
Пресен Зрак,
Kepurdhat,
Пулс Екипа
и други.

 



Врати се горе ↑