Галерија

10 декември, 2018

Заврши јубилејниот 20. „Таксират“ и запиша нов рекорд во своето постоење!

Вчера. во раните утрински часови, заврши 20. по ред фестивал „Таксират“ со рекордна посетеност од повеќе од 20.000 посетители во официјалната и најсилна програма досега на фестивалот,  која се одржуваше изминатава недела во Скопје! Македонскиот, најголем урбан зимски фестивал во југоисточна Европа викендов ја имаше и финалната прослава достојна за 20-годишниот јубилеј, која се одржа на нова локација за овој фестивал, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, претставена и прилагодена во сосема поинакво издание од досега, со повеќе сцени и настапи, кои и овој пат во единствениот фестивалски дух на „Таксират“ ја споија публиката од различни возрасти, земји и музички вкусови. За повеќе од 8-часовното еуфорично славење на трите бини на „Таксират“, се погрижија 13 врвни музички изведувачи и докажани ѕвезди на светската, регионалната и македонската сцена.

Чест да ја отвори вечерта со одличен настап на главната бина имаше македонскиот бенд „Културно Уметнички Работници“ и тоа не случајно, бидејќи токму овој бенд пред 19 години го отвори и првиот „Таксират“! А веднаш по нив имавме прилика да го погледнеме убедливо најсилниот настап досега на македонските металкор легенди „Смат“, кои уште на самиот почеток на вечерта ја затресоа главната бина со експлозивен концерт сработен по светски стандарди во секој поглед. Од оваа вечер на „Таксират“, во музичката историја на Македонија ќе се запишат и премиерните гостувања кај нас, и тоа со фантастични настапи, на eден од најпосакуваните бендови на современата инди-рок сцена „Мандо диао“ од Шведска, фуриозниот и легендарен австралиски драм-ен-бејс феномен „Пендулум“ и апсолутниот светски битбокс шампион, поранешен член на славните „Рутс“, Разел, кој настапи со „Екс-егзејушнерс“ на втората фестивалска бина.

Врежани во сеќавањето ќе ни останат незаборавните настапи на докажаниот алт-метал бенд од Северна Ирска „Терапи“ и „Нувел ваг“, славната и беспрекорно шармантна боса-нова атракција од Франција. И тука секако „Дубиоза колектив“ за кулминацијата на еуфоричната прослава и со настапот кој беше проследен со најгласните овации и најборјната пубилката која со восхитување синоќа го пречека во моментов светски најуспешниот музички колектив од Балканот. Втората фестивалска бина пак, уште од самиот почеток беше целосно исполнета и се чинеше претесна да ги собере сите фанови на двете легендарни имиња од македонската хип-хоп сцена диџеј Гоце и Пикисипи, кои овој пат настапија со проектот „САФ саунд систем“, а импресивно позитивната атмосфера на подиумот продолжи во теко на целата вечер со Разел, но и до самото затворање за кое, со 4-часовен настап и трап-музиката презентирана на врвен начин, беше задолжена екипата на „Трап да фак-ап“. Последна, но не помалку важна од бините, со најтивката но најразиграна атмосфера на подиумот беше „Сајлент диско“, каде што во исто време настапуваа докажаните диџеи и екипи чие реноме е најактуелно во скопските клупски кулоари: „Скопски грув“, „Убли“ и диџеј Шурбе!

Со оваа извонредно позитивна фестивалска вечер, заврши јубилејното издание во чии рамки пак, годинава за 20 години ТАКСИРАТ во Македонија, се одржаа вкупно 20 различни настани, на кои настапија 70 изведувачи, од над 20 земји во светот, во Скопје гостуваа повеќе од 100 странски делегати од светската музичка индустрија и најважно од сѐ, „Таксират“ беше домаќин на повеќе од 45.000 посетители од кои над 20.000 само во финалната, официјална програма на 20. фестивал „Таксират“! И сето тоа во име на музиката, вредна за почит!



Врати се горе ↑