Настани 11703341_489391487883517_8176135396731296638_o

17 ноември, 2015

Заврши фото-конкурсот „Делувај сега“: Доделување награди за најдобрите овој петок‏

Првиот фото-конкурс за климатски промени во државата, „Делувај сега“, заврши завчера заклучно со 15 ноември. Активисти, вљубеници во природата и подржувачи на борбата за чиста животна средина, зедоа учество во конкурсот, со своите фотографии кои имаа за цел да ја доловат главната тематика на конкурсот за 10те понудени категории, а тоа е дека климатските промени се насекаде околу нас. Тие не се случуваат само во далечните земји, туку зафаќаат голем дел од нашето секојдневие и во нашата држава.

Фото-конкурсот #ДелувајСега беше повик до сите граѓани, да ги искористат своите фотографски вештини за да ги фотографираат ефектите на климатските промени во нашата земја. Кандидатите имаа можност да ги пријават своите фотографии во било која од понудените десет категории: Климатските промени и водата, Климатските промени и здравството, Климатските промени и туризмот, Климатските промени и транспортот, Климатските промени и културното наследство, Климатските промени и шумите, Климатските промени и земјоделството, Климатските промени и природните катастрофи, Климатските промени и биодиверзитетот и Климатските промени и обновливите извори на енергија.

Овој петок, 20 ноември, во кафулето „Ли“ во Скопје, ќе се одржи свечено доделување на наградите за одбраните учесници со најдобри фотографии кои ќе бидат откриени токму на доделувањето. Наградите ќе бидат доделени на две најдобри фотографии за секоја од десетте категории. Наградите вклучуваат велосипеди и фото-камери. Победниците ќе бидат селектирани врз основа на лајкови на Фејсбук (50%) и врз основа на гласови на интернационално жири (50%).

Овој фото-конкурс е организиран од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Француската Амбасада во Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, со цел да се подигне свеста за ефектите кои ги имаат климатските промени.

ДЕЛУВАЈ СЕГА!



Врати се горе ↑