Балкан ice cream

13 март, 2013

Запознајте ја бугарската хип хоп група Ice Cream

Доказ дека и кај нашите источни соседи се слуша квалитетен рап и хип-хоп е групата Ајс Крим (Ice Cream). Составена од Даниел Димитров – Ice, Виктор Николов, Елена Брусарска и Малин Миланов – Монти, групата е основана на 22-ри април 1997 година, а малку подоцна ја објавува и првата официјална песна насловена „I Scream“ (Јас врискам). Малкумина знаат дека тоа е првобитната идеја за името на групата, но подоцна се решаваат за името под кое се познати денес.

Првиот албум го издаваат пет години по формирањето на групата,  во далечната 2000 година групата го издава првиот сингл насловен „Борбата“ во кој гостува Лејди Би (Lady B.), а во септември 2002 година, нумерата беше прогласена за песна на месецот на бугарското радио БГ. Други успешни синглови од тој албум се „Ще те сваля“ (2-ро место на бугарскиот рап топ 10), „Част 1“ (една од највртените песни на единственото радио за рап музика во Бугарија – Мила) и други.

Синглот „Завинаги заедно“ (Засекогаш заедно), во кој како вокал гостува Димо од групата ПИФ, се искачува на првото место на БНТ. Во текот на 2007 година, групата решава да паузира и секој од членовите да си ги реализира сопствените планови сè до минатата 2012 година, кога групата повторно се собра, започнувајќи со снимањето на видео записот за песната „Мисля си“, снимена во 2005 година. Видео записот е во режија на Малин Миланов – Монти, а интересно е тоа што членовите на групата воопшто не се појавуваат, туку само две деца и еден гајдар. За помалку од еден ден видео записот е прегледан 30 000 пати.

 

На 21-ви април 2012 година, групата го одбележа јубилејот 15 години од формирањето со грандиозен концерт, на кој го претстави и новиот видео запис за песната „Влюбени в свободата“ (Вљубени во слободата), најавувајќи го вториот албум насловен „Want some Ice Cream?“. Еден месец подоцна групата го претстави и хитот „Те карам да вибрираш“, кој за една недела беше прегледан преку 2 милиони пати на сервисот ЈуТјуб, а во ноември го претставија и видео записот за песната „Щом падне мрак“ (Штом падне мрак).

 

 

Најновото музичко парче кое деновиве го претстави Ајс Крим е песната „Взимам давам“ која бесплатно можете да ја симнете на следниот линк.



Врати се горе ↑