Македонија 12108710_953553661357839_1001834889573634926_n

22 октомври, 2015

Запознајте ги учесниците во шоуто „На иста адреса“: Илија и Валери

Во рамките на рубриката за запознавање на учесниците на првото македонско реално музичко шоу „На иста адреса“, досега имавте можност да дознаете нешто повеќе за Алмир Исмаили, Зои Блаж, Игор Митровиќ и Александра Михова, како и за Марио Агангеловски и Виолета Јованџикова, а сега на ред се Валери Димовска и Илија Петровски.

ВАЛЕРИ ДИМОВСКА

Валери во моментов се наоѓа во вилата на реалното шоу „На иста адреса“, како еден од 12-те учесници кои се борат за влез во финале и победа. Доколку сакате да дознате нешто повеќе за Валери, прочитајте што вели таа за себе:

„Родена сум во Велес на 06. 12. 1996 година. Се занимавам со музика од мојата 9. година, имам завршено средно медицинско училиште. Работам и сум волонтер во здружение за заштита на правата на животните. Во слободно време земам часови по пијано. Учествував во FM талент и сум победник на тоа шоу со песната ’Chandelier’ од Сиа, која што е моја омилена пејачка и пример за мене. Имам две сестри, едната е постара, има 22 години и се вика Тијана, и една помала сестра која се вика Маја и има 10 години.

Работам на моја песна и веќе имам издадено една, која се вика ’Замини’. Обожавам да пеам затоа што само тогаш се чувствувам ослободено. Мојата цел е публиката да ја разбере и прими мојата емоција и тоа што го пеам. Со задоволство ќе кажам дека сум голем верник, верувам во Бога, одев во црковен хор и кај нас во црква пеев госпел песни. Моја омилена песна е ’All I Need Is You Lord’, во која наоѓаш мир и спокој. Омилени места кои би сакала да ги посетам се Абу Даби, Лос Анџелес и Мексико.“

ИЛИЈА ПЕТРОВСКИ 

Илија Петровски во моментот се наоѓа во вилата на музичкото реално шоу „На иста адреса“, каде заедно со уште 11 други натпреварувачи се бори да влезе во финале. Освен 12-те натпреварувачи во вилата со нив живеат и стилистот Даниел, како и дизајнерот Златко кои се задолжени за нивниот добар изглед на сцена.

Доколку сакате да дознаете нешто повеќе за Илија, прочитајте што вели за себе:

„Јас сум Илија Петровски. Роден сум на 31.07. 1993 година во Скопје. Мојот прв јавен настап се случи во 2010 година на ’Охрид фест’, каде што се претставив со песната ’Каде си’ и го освоив третото место. Зад себе имам четири песни и два видео спота. Други мои поважни јавни појавувања беа на ’X фактор’ и македонскиот ’Идол’.

Имам завршено средно економско училиште, а денеска сум студент на Универзитетот ’Гоце Делчев’ и студирам гастрономија, исхрана и диететика. Талентот за пеење го наследив од мојата баба и освен неа, јас сум единствениот член од семејството што се занимава со музика.

Мојата последна песна ја промовирав во 2014 година. Нејзин композитор е Роберт Билбилов, а за неа имам снимено и видео спот. Мое хоби: Фитнес, фудбал, трчање, гледање филмови.

Омилени пејачи: Тоше Проески, Каролина, Роби Вилијамс, Енрике Иглесијас.

Сакам предизвици, ја сакам музиката.“

Доколку сакате да дознаете повеќе за Илија и останатите учесници на првото македонско реално музичко шоу „На иста адреса“, лајкнете ја нивната официјална фејсбук фан страница на следниов линк.



Врати се горе ↑