Настани

7 декември, 2017

Започнува клупската програма на „Десонанц“

Во соработка со фестивалот „Таксират“, вечерва започнува клупската програма на деветтото издание на музичкиот фестивал „Десонанц“.

Во целосно распродадената денсинг-сала во МКЦ, вечерва во рамките на „Таксират“ ќе се одржи концертот на ДАРКО РУНДЕК, а по овој концерт официјално започнува и програмата на „Десонанц“ посветена на електронската музика, со полноќниот настап на истакнатиот ветеран на светската хаус, техно и електро сцена, Делта Функционен (Delta Funktionen) од Берлин. Сетовите на Делта се легендарни во својата техничка софистицираност и прецизност како и сировата креативна енергија која го движи подиумот низ неговите препознатливо долги сетови. За загревање на публиката и затворање на вечерта задолжени се локалните диџеи Апостолски (Drop Series) и Митрик (Room 313).

Утревечер (петок, 8 декември) на малата сцена во Македонската филхармонија, со својот несекојдневен проект „Дамиен Дубровник“ (Damien Dubrovnik), ќе настапат двајца од најпрославените модерни композитори во современата музика, Локе Рабек и Кристијан Стадсгард – сопствениците на културниот феномен и издавачка куќа „Пош ајзолејшн“ од Копенхаген.  Публиката ќе има можност да го проследи и електроакустичниот настап на „Ведис“, како и ексклузивниот проект на македонските етноџез експериментатори „Стринг форсис“ (во комплетен состав).

По концертот во Македонската филхармонија, истата вечер следува настапот на маскираниот берлински техно/IDM продуцент „Хедлес хорсмен“ (Headless Horseman) во МКЦ. Станува збор за мистична фигура на електронската сцена и највозбудливиот хардверски техно перформанс во моментов на планетата. Овој перформанс е негово деби во Скопје и дел од светската турнеа на неговиот албум и видео проект „Sanctuary“. Локална поддршка се диџеите Меги (Maggie, Code XX), Бодан Јамакоски (Audiobahn), Андреас Хејз (Andreas Hz, Broccoli) и Марчин (Martchin, BTKRSH).

Финале на „Лузер фест 2017“

Соработката на „ТАКСИРАТ“ и „ДЕСОНАНЦ“ оваа година резултираше со повеќе музички настани во програмата која започна со ПИН конференцијата и шоукејс фестивалот, а последниот настан нѐ очекува оваа сабота, на 9 декември во МКЦ со финалната вечер на годинашниот ЛУЗЕР ФЕСТ – настанот целосно посветен на промоција и поддршка на најновите „демо“-бендови од македонската музичка сцена. Годинашниот „Лузер фест“ пред македонската публика ќе претстави седум финалисти: „Бона деа“ (Bona Dea), „Конспираси“ (Concpiracy), „Дарк скај“ (Dark Sky), „Каин“, „Мен ин а сјут“ (Man In a Suit), „Сибил“ (Sybil) и „Тригерд“ (Triggered), но и гостите на вечерта, скопскиот дум-слаџ (doom sludge) дует „Шварцен“ (Schwartzen)!

Билетите за „Лузер фест“ не се достапни во претпродажба, туку ќе се продаваат само на денот на настанот, на билетарницата на МКЦ со симболична цена од 100 денари. За победникот на „Лузер фест“ традиционално, како и досега, одлучуваат гласовите од публиката и специјалното жири, па секоја влезница воедно е и гласачко ливче за посетителите, а со прогласувањето на новиот победник и официјално ќе биде прогласено затворањето на годинашната концертна програма на „Таксират“.

Повеќе информации за секој од настаните можете да најдете на www.taksirat.mk



Врати се горе ↑