Настани

14 мај, 2019

Започнува „Евровизија 2019“, еве што нè очекува вечерва

Со почеток од 21.00 часот вечерва започнува 64. издание на „Евровизија“, а во рамките на првата полуфинална вечер за влез во големото финале ќе се натпреваруваат вкупно 17 земји. Прва ќе ја видиме кипарската претставничка Тамта со „Replay“, а последен настапува претставникот на Сан Марино, Серхат, кој ќе ја изведе темата „Na Na Na“. Меѓу натпреварувачите вечерва се и црногорските претставници „Д-мол“, Словенците Зала Краљ и Гашпер Шантл, како и српската претставничка Невена Божовиќ, чија „Круна“ си ја потпишува заедно со нашиот Дарко Димитров.

Како што открија организаторите, манифестацијата ќе ја отвори актуелната победничка Нета Барзилаи со нова верзија на хитот „Toy“, а ќе ја видиме и израелската победничка од 1998 година, Дана Интернејшнал, кoja ќе се претстави со нова песна. Водители на трите фестивалски вечери во „Експо Тел Авив“ ќе бидат Ерез Тал и светски познатата манекенка Бар Рефаели, а во зелената соба ќе ги гледаме Аси Азар и Луси Ајуб.

Во изминативе два месеца обложувалниците се обидуваат да предвидат кој ќе успее да се квалификува за финалето, но со одржувањето на пробите во текот на минатата недела, резултатите трпат одредени промени, а имајќи предвид дека речиси сите фаворити од годинава се во втората полуфинална вечер, се чини дека барем за ова полуфинале сè е можно.

Сепак, одредени резултати се извесни, односно најмали шанси да продолжи понатаму има Црна Гора, која подолго време е на последното место, а тука некаде се и Финска и Сан Марино, додека Грузија неочекувано се искачи на листата, но не меѓу потенцијалните десет. Меѓу оние за кои речиси сигурно е загарантиран влез во финалето се Грција, Австралија и Кипар, кои имаат над 90% шанси за пласман, а над 80% имаат Исланд, Унгарија, Србија и Чешка. Последните три на оваа листа, со околу 60% се Словенија, Белгија и Естонија.

Изминативе години, овие предвидувања беа во голема мера точни, со грешка од еден до два финалиста, така што потенцијалните десет финалисти од оваа вечер се следните:

После вчерашната генерална проба, националните жирија веќе ги дадоа своите гласови што изнесуваат 50% од вкупниот резултат, а останатите 50% ќе стигнат вечерва од телефонското гласање на публиката. Освен земјите што учествуваат во ова полуфинале, својот глас можат да го дадат и директните финалисти Франција, Шпанија и домаќинот Израел, додека Германија, Италија и Обединетото кралство ќе гласаат в четврток.

Токму таа полуфинална вечер е поважна за нас, бидејќи тогаш Тамара Тодевска ќе ги брани боите на нашата земја под реден број 17, а кои десет од овие 17 песни ќе ги слушаме и в сабота, ќе дознаеме вечерва. Како што споменавме, директниот пренос ќе започне во 21.00 часот, а истиот ќе можете да го проследите на МРТ1 или онлајн на официјалниот евровизиски канал на Јутјуб. Редоследот на настапи за вечерва е следниот:

  1. Кипар (Тамта – Replay)
  2. Црна Гора (Д-мол – Heaven)
  3. Финска (Даруд и Себастијан Рејман – Look Away)
  4. Полска (Тулија – Pali się)
  5. Словенија (Зала Краљ и Гашпер Шантл – Себи)
  6. Чешка (Лејк Малави – Friend of a Friend)
  7. Унгарија (Јоци Папаи – Az én apám)
  8. Белорусија (Зена – Like It)
  9. Србија (Невена Божовиќ – Круна)
  10. Белгија (Елиот – Wake Up)
  11. Грузија (Ото Немсадзе – Keep On Going)
  12. Австралија (Кејт Милер-Хајдке – Zero Gravity)
  13. Исланд (Хатари – Hatrið mun sigra)
  14. Естонија (Виктор Крон – Storm)
  15. Португалија (Конан Озирис – Telemóveis)
  16. Грција (Катарина Дуска – Better Love)
  17. Сан Марино (Серхат – Na Na Na)

И.Ј.



Врати се горе ↑