Настани

21 јуни, 2018

Започнува 4-дневниот „Скопје стрит мјузик фестивал“

Од денеска до недела (21-24 јуни) ќе се одржува првото издание на „Скопје стрит мјузик фестивал“, во чии рамки на повеќе локации ќе настапат голем број македонски музички уметници.

„Фестивалот е замислен како голем настан на отворено, а идејата е музиката да не се дели на улична и естрадна, туку да ги спои на иста сцена врвните музичари и аматерите кои секојдневно забавуваат илјадници луѓе на улиците. Фестивалот има значајна улога во градењето на идентитетот на градот Скопје, како и во развојот, социјализацијата и опшествената кохезија“, пишува во соопштението за настанот.

Фотографија на Skopje Street Music Festival.

Програмата ќе биде жанровски шаренолика и квалитетна. Артистите ќе настапуваат на повеќе локации низ градот, со што јавниот простор низ кој минуваат граѓаните ќе биде претворен во место за вистинско урбано музичко уживање. Со цел да биде достапен за што повеќе граѓани, фестивалот се одржува на неколку локации во различни делови на Скопје: Плоштад Македонија, Градски Парк, ТЦ Лептокарија, Паркот на авиончето во Ново Лисиче, Плоштад Скендербег, Боемска улица и плато пред Универзална сала.

Фотографија на Skopje Street Music Festival.

Честа да го отворат ова прво издание на „Скопје стрит мјузик фестивал“ им припадна на момците од бендот „Кабадајас“, чиј настап е закажан за вечерва на плоштадот „Македонија“ со почеток од 19.15 часот. На истата локација подоцна ќе настапат и бендовите „Саут парк“ (South Park) и „Уај нот“ (Why Not), а потоа забавата се сели на Боемска улица, каде што со почеток од 22.00 часот посетителите ќе уживаат со хорот „Св. Злата Мегленска“ и „Монистра“.

Фотографија на Skopje Street Music Festival.

Меѓу изведувачите на останатите три дена од фестивалот се и бендовите „Пеперминт“, „Мјузаик“ и „Фајтинг виндмилс“, гудачкиот квартет „Пламенка“, пијанистката Дуња Иванова, гитаристот Кристијан Гиноски и многу други, а комплетната програма Ве очекува овде.



Врати се горе ↑