За Вас slika_5

4 февруари, 2016

Започна пријавувањето на филмови за деца на „Тинтири минтири филм фест“

Меѓународниот филмски фестивал за деца „Тинтири минтири филм фест“ објавува отворен повик за аплицирање за годинешното второто издание на фестивалот, кое ќе се одржи во јуни 2016 година во Скопје, Република Македонија.

Право да се пријават  имаат сите филмови за деца изработени во која било техника, а завршени по 31 декември 2014 година, кои претходно не биле пријавени на „Тинтири минтири филм фест“. За да бидат разгледувани, филмовите треба да бидат пријавени во една од следните категории: кратки филмови за деца (до 25 минути) или долгометражни филмови за деца (до 120 минути).

Краен рок за праќање на материјалите е 01.05. 2016 година.

„За првпат годинава отвораме и повик за долгометражни филмови за деца. Тоа е новитет кој сакаме да го одбележи ова издание на фестивалот. Уште едно нешто кое многу ни значи како нам, така и на директната публика на овој фестивал – децата, е програмата на филмови изработени од деца. Ланското издание ни укажа на огромен интерес за оваа секција, па тоа ни дава ентузијазам и годинава да го сториме истото“, вели м-р Кузман Кузмановски, директор на фестивалот.

„Тинтири минтири филм фест“ е во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со Кинотека на Македонија и со здружението на граѓани Креативен центар „Тинтири-Минтири“ од Скопје.

Во моментов во Македонија нема фестивал кој професионално третира филм за деца. Уникатна во регионов и пошироко е и нашата идеја да направиме селекција на филмови изработени од деца. Ќе се изненадите колку самостојно и професионално работат денешните деца на тема филм. Во моментов е отворен и тој конкурс – за филмови изработени од деца на возраст од 10 до 18 години. На овој начин фестивалот ’Тинтири минтири’ станува платформа која обединува повеќе идеи, и директно ги вклучува децата не само како гледачи, туку и како уметници, творци, идни македонски филмски работници“, вели Кузмановски.

Повеќе информации за фестивалот се објавени на веб страната www.tintirimintiri.mk како и на профилот на Фејсбук.



Врати се горе ↑