Со претфестивалските активности веќе започна оф-программата на 34. издание на еден од најстарите музички фестивали во Македонија – фолк-фестивалот „Валандово 2019“. Оваа година новитет е тоа што пред  официјалниот почеток на фестивалот, за македонската публика и за сите оние кои што ја негуваат македонската народна песна, се организирани три оф-концертни вечери на познати македонски музички имиња.

Во понеделникот, на 27 мај на плоштадот во центарот на Валандово, на сцената веќе настапи Ѓоко Јовиќ заедно со групата „Енерџи бенд“, а ист таков концерт следеше и вчера, кога на истата сцена настапи групата „Астра бенд“, додека последниот ден од оф-програмата, односно вечерва на Валандовскиот фестивал ќе настапи познатата македонска фолк-пејачка Сузана Гавазова со почеток во 21 часот.

Што се однесува до официјалниот дел на годинешното издание на фолк-фестивалот, истото ќе започне на 30 мај во салата „Јанко Узунов“ со првата и ревијална вечер за кога организаторите најавуваат интересни новитети, меѓу кои и тоа дека истата таа вечер ќе биде отворена од минатогодишната победничка Благица Калева, а потоа ќе започне и ревијалната вечер со познати македонски музички имиња посветена на текстописците на веќе познатите хитови од овој фестивал. Оваа година ќе бидат претставени песните од текстописците: Ѓорѓи Барбаровски, Томислав Которчевиќ, Огнен Неделковски и Борче Нечовски.

Како што кажаа организаторите на прес-конференцијата одржана во Валандово, ќе се доделат неколку награди, меѓу кои и Наградата за животно дело која ќе му биде доделена на семејството на еден од основачите на „Фолк-фест Валандово“, Леонид Манчев.

Една од наградите што ќе биде доделена оваа година и која што ќе има свое значење во потврдувањето на фолклорната традиција, ќе биде признание кое се доделува по повод 100-годишнината од раѓањето на познатиот македонски интерпретатор, бардот на македонската песна Никола Бадев. На прес-конференцијата беше претставена и сценографијата за годинешното фестивалско издание.

На втората фестивалска вечер што ќе се одржи на 31 мај и која што е натпреварувачка, ќе настапат  следниве учесници со овие песни:

  1. „Добредојде таго“ – Благоја Груевски
  2. „Не ти верувам“ – Ивана Наумова,
  3. „Моја Мирјана“ – Јовица Мицевски
  4. „Имав јас сè“ – Бобан Цаневски
  5. „Седма зима“ – Елена Андоновска
  6. „Планина голема“ – Стојне Николова
  7. „Илина“ – Драган Мијалковски
  8. „Бараш крадец“ – Горан Тодоровски
  9. „Не си ми суден“ – Сандра Милковска
  10. „Љубовта е магија“ – група Академци
  11. „Пеј Соња“ – Миленце Атанасов
  12. „Земи или остави“ – Ивана Стојановска
  13. „Пишано и неизбришано“ – Христијан Димитриевски
  14. „Да се разбираме“ – Мими Јовановска
  15. „Фотографија заборавена“ – Ивана Серафимовска
  16. „Студ и бес во срце носам“ – Зуица Лазова
  17. „Туѓа, а моја си“ – Душко Ѓеоргиевски
  18. „Тука сум јас“ – Јуле Николовска
  19. „Дано лична Дано“ – Далибор Ѓошиќ
  20. „Љубов преку граница“ – распеани Валандовчани

Оваа година водители на „ Фолк-фест Валандово“ се Ирена Спировска и Ѓорѓи Калајџиев.

Извор: Вистина.мк