Видео the-x-factor1

5 септември, 2014

Започна британскиот „Х Фактор“, пријавени кандидати од целиот свет

По неколкумесечни аудиции ширум Велика Британија, минатиот викенд започна да се емитува единаесеттата сезона на оригиналниот формат на музичкиот натпревар „Х Фактор“. Четиричленото жири кое низ годините претрпи големи промени во својот состав, годинава е повторно предводено од познатиот основач на овој натпревар, Сајмон Кауел, а незаменлив е и ирскиот музички менаџер Луи Волш, кој има најдолг стаж како судија и ментор во „Х Фактор“. Останатите две столчиња во текот на оваа сезона се резервирани за Шерил Кол, која веќе беше дел од натпреварот во 2008 и 2009 година, а годинава за прв пат се придружи  и поранешната членка на една од најпознатите женски групи во историјата на поп музиката, Мелани Браун, односно Мел Би или Скери Спајс од Спајс Грлс.

Веќе е познато дека токму овој натпревар лансираше бројни музички ѕвезди како што се Леона Луис, Александра Брк, Оли Мрс, Џејмс Артур, Сем Бејли, како и групите Литл Микс и секако веќе легендарните Уан Дајрекшн, кои во 2010 година се пласираа на третото место. Со оглед на тоа што британската верзија е најуспешната од сите, често се пријавуваат и кандидати од други земји. Одлична режија, сцени кои ќе ве расплачат или ќе ве насмеат, кандидати кај кои веднаш се забележува дека го поседуваат тој Х фактор, кандидати кои ќе ве изненадат, како и кандидати кои и самите не знаат што бараат таму…

Во продолжение издвоивме неколку од најдобрите аудиции до сега. Ќе ги погледнете аудициите на 15-годишниот Рис Биби, драматичната и „пош“ манекенка Клои Џасмин, момчето кое дојде на овој натпревар дури од италијанската престолнина Рим, Андреа Фаустини и Џеј Џејмс, а потоа и дел од неизбежните смешни аудиции на антиталенти.

 

Останатите аудиции можете да ги погледнете на официјалниот ЈуТјуб канал на TheXFactorUK.



Врати се горе ↑