Македонија

30 октомври, 2016

ЗАМП вели дека „Скопски фестивал“ може да се одржи

И после повеќе од месец дена од стапувањето на сила на забраната за емитување македонска музика, сè уште не е пронајдено соодветно решение што ќе ги задоволи сите инволвирани страни, а заради оваа непопуларна одлука на ЗАМП, МРТ реши годинава да го откаже фестивалот на забавни мелодии „Скопје 2016“.

Само неколку дена подоцна, од ЗАМП реагираа на оваа одлука, демантирајќи ги тврдењата на националниот сервис, кој го организира познатиот „Скопски фестивал“. Имено, во соопштението објавено на нивната веб страна стои дека „согласно законот за авторското право и сродните права, ЗАМП колективно ги управува и ги застапува авторите САМО за објавени авторски дела.“

„Колективното управување се остварува во случаите кога не е можно индивидуално остварување на правата, поради карактерот на авторските дела и поради начинот на нивното користење. Колективното управување се остварува и за исклучиви права што се остваруваат индивидуално, доколку со договор тоа право му е пренесено на ЗАМП од авторот, односно носителот на правото. Бидејќи на Скопскиот фестивал за прв пат ќе бидат објавени авторски дела, МРТ треба да постапи согласно законот и условите предвидени во јавниот конкурс, односно за секое прво објавување на авторско дело договорно да ги уреди односите со секој автор по однос на првото објавување. Доколку МРТ постапи согласно законот фестивалот ’Скопје 2016’ може да се одржи“, велат од ЗАМП.

Истото се однесува и на фолк фестивалот „Валандово“, кој исто така не се одржа заради неможноста за негово емитување на телевизија.



Врати се горе ↑