Македонија

2 февруари, 2017

ЗАМП ја укина забраната, македонската музика се враќа во етер!

Конечно дојде крај на неколкумесечната забрана за емитување македонска музика на македонските радија и телевизии. Здружението за заштита на авторски музички права, односно ЗАМП, одлучи да ја стави вон сила одлуката донесена во септември минатата година.

„Со оглед на тоа што истекоа сите законски рокови да почне со работа новоформираното здружение СОКОМ МАП,  надминати се сите опасности кои се закануваа да го обезвреднат авторскиот труд, авторските права и музичките дела на авторите од земјава, ЗАМП ги известува трговските радиодифузни друштва дека од 03.02.2017 година можат да продолжат со јавно емитување на музички дела од репертоарот на ЗАМП.

Здружението за заштита на авторските музички права им се заблагодарува на трговските радиодифузни друштва кои докрај ја испочитуваа забраната и со тоа дадоа безрезервна поддршка на авторите да ги остварат нивните загарантирани уставни и законски права.

Им се заблагодаруваме и на здруженијата од Србија, Хрватска,Словенија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои застанаа на страната на ЗАМП и забранија емитување на авторски музички дела од нивниот репертоар  во земјава.

Авторите чии права ги штити ЗАМП, свесни дека со забраната ги лишија македонските корисници од задоволството да слушаат домашна музика, се уверени дека никогаш повеќе нема да се повтори таков чин, кој беше израз на револт против незаконските постапки на надлежните институции.

Согласно договорите за реципроцитет и колективните организации  SOKOJ- Србија, HDS ZAMP– Хрватска, SAZASСловенија, PAM-Црна Гора, AMUS-Босна и Херцеговина и RICOM Publishing лиценциран партнер на групацијата Univerzal Music Publishing (за териториите на Србија,Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина) исто така ја ставаат вон сила и нивната забрана за емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување од нивниот репертоар“, пишува во соопштението на ЗАМП.

Здружението на почетокот на годинава соопшти и дека инсталираше систем за електронска евиденција кај радио-телевизиските организации, а увид во податоците ќе имаат сите автори и носители на авторски права.



Врати се горе ↑