Свет

30 мај, 2017

Зајн Малик со нов албум до крајот на годинава

Некогашниот член на британската група „Уан дајрекшн“, кој прв ја напушти екипата, Зејн Малик ќе го објави својот втор соло албум подоцна годинава, откри главниот човек на „Ар-Си-Еј рекордс“, Питер Еџ, додавајќи дека сега, кога и останатите членови на групата ги лансираа своите соло кариери, Зејн се чувствува многу покомотно.

„Не беше лесно да се донесе таква одлука и да се има храброст прв да замине за самостојно да продолжи по овој пат. Овој албум има пооптимистичен тон, особено бидејќи тоа тешко време е завршено, а покажува и поголема зрелост“, рече Еџ.

Последниот сингл „Still Got Time“, кој го сними во соработка со „Партинекстдор“ (Partynextdoor), е одличен вовед за она што следува. „Ако обрнете внимание на текстот, се зборува за тоа колку е одлично да се биде млад и да се знае дека сè уште имаш време да направиш сè што сакаш во животот“, додаде тој.

Минатогодишното првенче на Зејн, „Mind of Mine“, беше снимено во соработка со екипа на продуценти, но новиот материјал ќе звучи поинаку. „Мислам дека тој сака да има повеќе од него, да биде лично и без претерана продукција“, заклучи Питер.

Судејќи по огромниот успех на деби албумот, особено деби синглот „Pillowtalk“, кој дебитираше на првото место на двете страни од Атлантикот, може да се заклучи дека Зејн одлично ќе се снајде и во ова второ поглавје од неговата самостојна кариера.



Врати се горе ↑