Македонија 1376340_648839231803618_517860656_n

28 октомври, 2013

Заедничката приказна на Дани, Тони Зен, Бобо и Маракуја премиерно во среда

„Пишуваш своја приказна“ е регионална кампања којa е иницијатива на УНФПА и е наменетa за подигнување на свеста за превенција на рана тинејџерска бременост. Дани Димитровска и Тони Зен од Македонија, Бобо од Бугарија и Марко Маракуја од Србија се артистите кои делат исти ставови кон темава, искрено верувајќи во целиот проект. Токму затоа сработија песна која е ненаметлив сублимат на нивниот несебичен придонес за превенција на тинејџерска бременост.

Песната и видеото за „Твое време“  се само почеток на кампањата и имаат за цел рапидно да се прошират низ границите на Европа, за да допрат до целата тинејџерска јавност. Со оптимистичка порака, групата артисти го слават животот преку своите стилско различни музички изразувања, правејќи фузија на весели звуци, а притоа пишувајќи ја нивната приказна.

Дани, Тони, Бобо и Марко даваат директна подршка на младите во нивното образование, во нивното донесување на одлуки и градење на здрави поколенија, подршка со која ги потсетуваат на нивниот бескраен потенцијал кој го поседуваат.

„Твое време“ е наш заеднички апел, наша конструктивна борба која секого го засега. Времето е заедничко за сите нас. Ова време сега и тука е единственото нешто што реално постои. Ако се искористи паметно, ќе продолжиме да уживаме во времето кое допрва треба да дојде, ја моделираме сопствената иднина“ – изјави Дани.

Песната се пее на македонски, српски и бугарски, а видеото за истата е снимено на различни локации во Македонија, Србија и Бугарија. Автор на песната е долгогодишниот соработник на Дани, Весна Малинова, a истата е продуцирана и снимена во Стерео Рекордс во продукција на Нино Васков.

Промоцијата на песната и видеото е закажана за 30-ти октомври во медиумскиот етер.



Врати се горе ↑