Настани ZadAgolot_1

5 јуни, 2013

„Зад аголот“, „Подземан ефект“ и диџеј Ири Скреч на „Баскерфест 2013“

Осмото издание на Баскер Фест годинава доаѓа со најбогатата музичка програма до сега која ќе се одвива во центарот на Скопје од 14-23 јуни. Овој пат, на сите следбеници на хип-хоп стилот им ја претставуваме посебно осмислената концертна вечер на 16-ти јуни, на која ќе имаат прилика да уживаат со артистите кои го носат новиот бран свежина на македонската хип-хоп сцена – Зад Аголот, Подземан Ефект и DJ Irie Scratch.

Хип-хоп екипата Зад аголот ја сочинуваат 12 момци кои работат како еден артист. Искрено и од љубов, затоа што само така знаат. За само две години од своето оформување тие успеаја да ги соберат признанијата за успех и надвор од Македонија. Нивниот прв албум Чувај го вистинко волу. 1, кој беше објавен минатата година, Балкан Хип Хоп Радио го прогласи за најдобро македонско хип-хоп издание за 2012. На 12-ти април годинава Зад Аголот го одржаа и својот прв самостоен концерт во МКЦ (Денсинг Сала) каде покажаа дека се екипа која на самиот старт од кариерата веќе има бројни верни следбеници кај македонската хип хоп публика. Момците од Зад Аголот непосредно пред концертот го објавија синглот Јас и ти за кој снимија и видео спот, а за помалку од месец дена следуваше и нов видео спот за песната „Нема лимит“ со која го заокружија проектот „Чувај го вистинко волу.1“. Хип хоп колективот продолжува активно со своето творештво кон нови остварувања, па следната средба со својата публика ја закажуваат токму на настапот на Баскер Фест 2013 кој ќе се одржи во недела, 16-ти јуни.

На Баскер Фест истата вечер ќе настапи и кумановското рап-дуо Подземан ефект. Групата ја сочинуваат Миљуш и Т-гоуст, кои се познати по тврдите рими, специфичниот брз стил на рецитирање и по искрените текстови, со луциден хумор и кумановски дијалект. Како  „Подземан ефект“ овие двајца артисти започнаа да творат во 2004 година, а нивната работа резултираше со објавување на деби албумот „Извештај од Октомвриску“ (2010) кој го сочинуваат 18 песни. Подземан ефект за себе велат дека се 24/7 рап тим. Во моментов тие го подготвуваат и вториот студиски албум, а на социјалните мрежи веќе можете да чуете и дел од новиот материјал на рап-дуото кое критиката го означи како вистинско освежување на македонската хип-хоп сцена.

Хип-хоп вечерта на Баскер Фест ќе заврши со Дарко Андонов, диџејот на Приземје екипа, познат како DJ Irie Scratch. Оние кои се веќе запознаени со неговиот стил и микстејп изданијата SWAG 2012 и SWAG 2011, добро знаат каква забава ве очекува на финалето на хип-хоп вечерта на Баскер Фест.

На листата со музички артисти задолжени за забавата на осмото издание на Баскер Фест веќе се потврдени и настапите на Del Arno Band, Foolish Green, Eyesburn, a никако не смеете да го пропуштите и шоуто на новозеландската спектакуларна психоделик-рок атракција Starboy’s Steampunk Burlesque Circus Express, како и магичниот вертикален танц на Il posto, бразилскиот илузионист Диего Алварес, шоуто на германката Bikerina и канадскиот изведувач Џеј, кои се само дел од стотината артисти од програмата на фестивалот.

Баскер Фест не само што од 14-ти до 23-ти јуни ќе го претвори Скопје во „стрит-арт” град на забавата, туку првпат во неговата програма ќе ја претстави и во повеќе градови низ Македонија. Официјалното отворање на програмата е во Гевгелија, каде што Баскер караванот ќе настапува на 12-ти и 13-ти јуни, а потоа продолужува и во Крива Паланка (15-ти јуни), Велес и Виница (20-21 јуни), Радовиш, Берово и Тетово (22-ри јуни), Струмица (26-27 јуни), Битола (27-28 јуни), Македонска Каменица (28-ми јуни), Прилеп (29-30 јуни) и Дојран (од 30-ти јуни до 3-ти август).



Врати се горе ↑