11 април, 2013

Зад аголот „Нема лимит“: Утре на Рандеву во МКЦ

„Ќе дојдеш ли на рандеву?“ Хип-хоп екипата на Зад Аголот на утрешниот концерт конечно ќе го презентира во полн сјај сѐ она што го најавуваше изминатиов период, спакувано во настап со специјално осмислено сценарио. Ова е прв самостоен концерт на кој комплетната екипа на Зад Аголот, 12-те момци кои творат како еден артист, ќе се претстават пред својата публика во МКЦ (денсинг сала) со почеток во 21:30 часот. Зад Аголот (го) живее вистинскиот хип-хоп, кој како што сами велат има единствен тврд и сив звук, а токму тој звук со сите сили и емоции  Ве очекува утре.

Само еден ден пред директната средба со овие момци, екипата ви го претставува новиот видео-спот за песната „Нема лимит“ со која се заокружува проектот „Чувај го вистинко волу.1“ и се продолжува кон нешто ново. Видеото за овој сингл го изработи Бранко Блажевски (Покрај Бренсис Видео Обработка). Од „Зад Аголот“ на овој спот се појавуваат Даре ДТ, Бранко СВП, Аце КН и Паки, а спотот е сниман во подземни гаражи во Аеродром.

Од денес можете да уживате во новиот видео запис, а веќе утре (петок, 12-ти април) и во живо да се уверите дека Зад Аголот е колектив чија креативност навистина „нема лимит“. А “погоди кој е во просторијава? Темната страна кога Скопје удира!“.. Да!! Како поддршка на Зад Аголот ќе настапи легендарниот Владимир Аговски – Аго, еден од основоположниците на рапот и хип-хоп културата во Македонија! Познат преку култните The Most Wanted и Темната Страна, како дел од концертот ќе го имаме човекот кој преку 20 години работи на развивање на хип хоп културата во Македонија. Момците од Зад Аголот најавија уште еден гостин за концертот на 12-ти април, Игимен, младиот македонски блузер Игор Станоевски кој меѓу другото има свирено и со славниот Грег Рајт познат како поранешен гитарист на Мајкл Џексон. Игимен се најде меѓу топ-10 артисти на „Плеј крос роудс“, еден од најголемите натпревари за рок и блуз-гитаристи, поради што тој има шанса да свири и со Ерик Kлептон во „Медисон сквер гарден“.

Влезниците за овој концерт, се достапни во продажната мрежа на МКтикетс (Југотон, Кафе Браво, Кафе Круг – Аеродром, Суперфлај и билетарата на МКЦ). Ве потсетуваме дека цената на картите во претпродажба е 150 денари, додека утревечер на билетарата на МКЦ истите ќе се продаваат по 200 денари.



Врати се горе ↑