Балкан zabranjenopusenje

16 ноември, 2012

„Забрањено пушење“ повторно заедно?

Иако до неодамна тоа изгледало како невозможна мисија, во музичките кругови се шпекулира дека е можно наскоро повторно да се здружат двајцата фронтмени на Забрањено пушење, Неле Караљиќ и Сејо Сексон. Со тоа култниот сараевски бенд по 20 години повторно би се собрал во приближно оригиналниот состав, па можеме само да претпоставиме колкава хистерија би завладеала ширум земјите од поранешна Југославија кога бендот би заминал на турнеја.

Сејо Сексон рекол дека на драго срце повторно би соработувал со Неле. Тој изјавил: „Јас секогаш на шега кажувам дека работната книшка на Неле е сè уште кај нас! За него вратата е секогаш отворена и тој е човек кој многу придонесе за афирмација на бендот и Новиот примитивизам. Секако дека би сакал повторно да го видам во бендот, но и другите членови исто така. Меѓутоа, за тоа да се реализира мора да постои и воведна приказна, одредени подготвителни чекори кон Сараево.“

Од друга страна, на прашањето колку е реално тој да се врати во бендот, Караљиќ одговорил: „Во овој момент, многу тешко. Преокупиран сум со снимањето на серијата „Топ листа надреалиста“.“

За мало потсетување, бендот Забрањено пушење е основан во 1980 година во Сараево, a ја сочинуваа тогашните средношколци и соседи: Ненад Јанковиќ (Д-р Караљиќ, клавијатури), Давор Сучиќ (Сејо Сексон, гитара), Зенит Џозиќ (Фу-До, тапани), Младен Митиќ (Муња, бас гитара), Дражен Јанковиќ (Сеид Little Караљиќ, клавијатури), Огнен Гајиќ (саксофон, флејта), Мустафа Ченгиќ (Муче, соло гитара) и Зоран Деган (Пока, синтисајзер), а како резервен играч од самиот почеток е Елвис Џеј Куртовиќ.  Во текот на осумдесеттите години објавија четири албуми со безброј хитови, како што се „Балада о Пишоњи и Жуги“, „Ибро дирка“, „Гузоњин син“, „Дан републике“, „Кањон Дрине“, „ Дјевојчице којима мирише кожа“, „Зеница блуз“

Бендот се распадна пред почетокот на војната во Босна, Сејо Сексон продолжил да свири под оригиналното име на бендот, а Неле во Белград состави ново „Забрањено пушење“, но подоцна го променија името во „No Smoking Orchestra“ и настапуваа ширум светот со режисерот Емир Кустурица. Меѓутоа, бендот во земјите на поранешна Југославија никогаш не се здоби ни со најмала поддршка, за разлика од онаа која ја имаше стариот состав. Како што се шпекулира, можноста за повторно собирање на Забрањено пушење е зголемена откако на почетокот на годината Неле ја прекина долгогодишната соработка со Кустурица.

Извор: www.021.rs



Врати се горе ↑