Свет js

22 март, 2017

Забранет влез во Украина за руската претставничка на „Евровизија 2017“

Годинешната руска претставничка, Јулија Самојлова, нема да настапува на „Евровизија 2017“ во Киев. Пејачката, која беше под истрага од Службата за безбедност на Украина, доби 3-годишна забрана за влез во земјата бидејќи настапувала во кримскиот град Керч во 2015, само една година откако полуостровот бил преземен од Русија. Украина посетата на „привремено окупираниот“ Крим, без претходна согласност на Киев, го третира како кривично дело. Веста за забраната од страна на СБУ ја објави портпаролката Елена Гитлјанскаја, а руските медиуми информацијата ја објавија уште на 20 март.

Сè уште не е познато дали Русија допрва ќе одбира нов претставник или ќе го бојкотира фестивалот. На официјалната веб страна на „Евровизија“ денеска беше објавено соопштение од Европската радиодифузна унија, која е организатор на фестивалот.

„Европската радиодифузна унија потврди дека украинските власти забранија влез во земјата за руската претставничка Јулија Самојлова. Ние мораме да ги почитуваме локалните закони на земјата домаќин, но сепак сме длабоко разочарани со оваа одлука, особено затоа што сметаме дека е спротивно од духот на натпреварот и инклузивноста што лежи во самиот концепт на фестивалот. Нашиот дијалог со украинските власти ќе продолжи со цел да се осигуриме дека сите изведувачи ќе можат да настапат на 62. издание на Изборот на песна на Евровизија во Киев“, пишува во соопштението, а повеќе информации се очекуваат наскоро.

Интересно е тоа што, за време на неодамнешно гостување во една руска емисија, британската ѕвезда Роби Вилијамс пројави желба да ја претставува Русија во Киев. Имено, пејачот рекол дека многу му се допаѓа фестивалот, па ако Русија го прати како нејзин претставник, сигурно би победил.

 



Врати се горе ↑