Концерт Vanessa Mae1

6 март, 2017

За прв пат во Македонија најпознатата виолинистка на сите времиња – Ванеса Меј

Ванеса Меј Венкорн Николсон, професионално позната како Ванеса Меј, е британска мегапопуларна виолинистка. Атрактивната и популарна виолинистка некогаш била нарекувана „чудо од дете“, а сега е една од најпознатите виолинистки на сите времиња. Позната е по спојот на техно и класичниот стил во своите изведби. Уште на свои 16 години ги поместува музичките граници кога го објавува албумот „Violin Player“, формирајќи необичен микс на џез, поп и техно звук, но се издвојува и по нејзините сценски настапи и необичен изглед. Албумот веднаш по објавувањето се нашол на Топ листите во над 20 земји од светот.

Првиот солистички концерт го има кога има само 9 години, а на 10 веќе настапува со симфониски концерт. До нејзините 13 години веќе објавува 3 албуми. Запишана е во Гинисовата книга на рекорди како најмладиот инструменталист кој изведува виолиниски концерти на Бетовен и Чајковски. Особено остава впечаток со нејзината изведба на „Toccata and Fugue“ на Јохан Себастијан Бах во Д Мол, која е копирана низ целиот свет.

Ванеса е првиот изведувач на класичен инструмент кој бил номиниран за престижните БРИТ награди за номинацијата „Најдобар женски изведувач“. Во 2006 година e рангирана како една од најбогатите млади изведувачи со заработувачка од над 32 милиони фунти од концерти и продажба на 10 милиони албуми ширум светот, што е вистинска реткост за еден виолинист. На своите концерти Ванеса свири на два типа виолини, и тоа, класичен модел на Гвадањини (Guadagnini) од 1961 чија вредност се проценува на 150 илјади фунти и електрична виолина Зета џез (Zeta Јеzz), со чија комбинација приредува едно незаборавно уживање на публиката насекаде низ светот.

Ванеса Меј за прв пат доаѓа во Македонија, каде ќе се претстави пред публиката во ВИП арената „Борис Трајковски“ на 15 мај 2017 во Скопје. Годинава тоа ќе биде нејзин единствен концерт во регионот. Концертот е во организација на „Прагма продукција“, а е поддржан од Министерство за култура на Република Македонија и Македонската филхармонија. Билетите за концертот кои се во ограничен број, ќе бидат пуштени во продажба од среда (08.03.2017), на сите продажни места на „Купи карти за сè“ низ цела Македонија, Пола Југотон и Цвеќара „Розе“ – Веро 2.



Врати се горе ↑