За Вас

27 јануари, 2018

За малку ќе беше Еди! Историја за златниот грамофон или „Греми“

Во пресрет на јубилејното, 60. по ред доделување на најпознатите музички награди, кое ќе се одржи утревечер, 28 јануари, одлучивме да се потсетиме на почетоците и самото создавање на престижниот златен грамофон, или едноставно Греми, награда што ја доделува американската Академија за запис на звук со цел да ги признае достигнувањата главно во музичката индустрија од англиското говорно подрачје.

Самата идеја за наградите потекнува од проектот „Холивудска патека на славните“ од педесеттите години на минатиот век. Имено, извршните музички продуценти, кои биле избрани како членови на комисијата за проектот, работеле на список со важни луѓе од музичката индустрија кои би можеле да се квалификуваат за ѕвезда на Патеката на славните, но сфатиле дека ги има премногу и дека не би било возможно сите да ја имаат таа чест. Токму затоа, тие одлучиле секој да го добие заслуженото во вид на награда што ќе ја доделува нивната индустрија, слично како Оскарите и Еми. Тоа било и почетокот на Националната академија за уметностите и науките за запис на звук.

Откако била донесена одлуката за создавање на ваква награда, било поставено и прашањето како ќе биде наречена. Првичната идеја била да се вика Еди, во чест на пронаоѓачот на фонографот, Томас Едисон, но на крајот сите се согласиле да биде името на пронајдокот на Емил Берлинер – грамофонот. Оваа награда за првпат била доделена во 1958 година.

Првата официјална церемонија на доделување, пак, се одржала на 4 мај 1959 година, на две локации истовремено – во хотелот „Беверли Хилтон“ во Беверли Хилс, Калифорнија и во хотелот „Парк Шератон“ во Њујорк. Таа вечер биле доделени вкупно 28 награди, но овој број доста варирал низ годините, надминувајќи дури и 100 категории во една година. Второто доделување, кое исто така се одржало во 1959 година, е воедно и првата церемонија што била емитувана на телевизија, но преносот во живо започнал дури на 13. доделување во 1971 година.

Статуетка од првото доделување во 1958 година

Златниот грамофон

Статуетките во форма на позлатен грамофон ги изработува и рачно составува компанијата „Билингс артворкс“ (Billings Artworks) во Риџвеј, Колорадо. Во 1990 година, оригиналниот дизајн бил усовршен со тоа што традиционалното меко олово било заменето со посилна легура што е поотпорна на оштетувања, правејќи ја статуетката поголема и пограндиозна. „Билингс“ развиле легура на цинк наречена гремиум, која има и своја заштитна марка. За време на самото доделување, победниците примаат необележани статуетки, кои се користат секоја година за телевизискиот пренос, а статуетките со изгравираните имиња на добитниците се достапни по церемонијата. 

Категории

Албум на годината – се доделува на изведувачот и продуцентскиот тим на целиот албум;

Снимка на годината – се доделува на изведувачот и продуцентскиот тим на синглот;

– Песна на годината – се доделува на авторот/композиторот на синглот;

– Најдобар нов уметник – се доделува на надежен изведувач во подем кој, за време на квалификациот период, ја објавил првата снимка што го етаблирала неговиот јавен идентитет (што не значи дека мора да биде прво дело во кариерата).

Единствените два уметника што победиле во овие четири категории се Кристофер Крос, кој ги собрал четирите статуетки во 1980 година, и Адел, која ја доби наградата за најдобар нов уметник во 2009, а останатите три во 2012 и 2017 година.

Адел на 54. доделување во 2012 година

Останатите награди се доделуваат за изведба и продукција во специфични жанрови, но и за придонеси како што се обвивки (на сингл, албум…) и видео. Специјални награди се доделуваат и за трајни вредности во музичката индустрија.

Заради големиот број на категории (78 во 2012, 81 во 2013 и 82 во 2014), но и желбата да се вклучат настапи од повеќе уметници, во рамките на телевизискиот пренос се доделуваат само попопуларните награди (обично 10-12), вклучувајќи ги најважните четири и една или две од најпопуларните музички жанрови (поп, рок, кантри, рап). Останатите статуетки се доделуваат во рамките на попладневната церемонија пред главниот настан.

Реконструкција на категориите во 2012

На 6 април 2011 година, Академијата соопштила драстично намалување на бројот на категории за доделувањето во 2012, односно од 109 на 78. Најважната промена била елиминацијата на разликата меѓу машки и женски соло-изведувачи и меѓу соработките и дуо/група во разни жанровски полиња (поп, рок, ар-ен-би, кантри и рап). Исто така, прекинати биле и неколку категории за инструментални солисти. Снимките од овие категории сега спаѓаат во рамките на генералните категории за најдобра соло-изведба.

Најмногу елиминации имало во категориите за изворна музика. До 2011 година имало одделни категории за разни регионални американски музички форми, како што се хавајска музика, домородно-американска музика и зајдеко/кахун музика. Заради постојано малиот број на пријавени дела за овие категории, Академијата одлучила да ги комбинира сиве овие музички варијации во новата категорија за најдобар албум со регионална изворна музика, вклучувајќи ја и полката, која ја загуби сопствената категорија во 2009.

Во класичното поле, главната категорија за најдобар класичен албум била прекината бидејќи повеќето добитници победиле и во уште една од другите класични категории за истиот албум. Класичните изданија сега можат да конкурираат во главната категорија за албум на годината.

Од 2012 година досега, имало неколку мали промени во списокот со категории, а нивниот број од 78 во 2012 пораснал до 84 категории во 2017 година.

Процес за пријавување и селекција на номинираните

Медиумски компании што се регистрирани во Националната академија за уметности и науки на запис на звук, како и индивидуални членови на Академијата (уметници и други професионалци што работат во индустријата кои исполнуваат одредени критериуми) можат да пријават свои дела (песни, албуми…). Пријавите се праќаат онлајн и физички примерок од делото се праќа на Академијата. Откако ќе биде пријавено, над 150 експерти од музичката индустрија го прегледуваат делото дали е испратено во соодветната категорија.

Крајната листа со квалификувани песни се праќа до гласачките членови, а секој од нив може да гласа за да номинира во генералните категории (снимка, албум, песна на годината и најдобар нов уметник) и во не повеќе од 30 други категории на нивните гласачки ливчиња. Петте снимки што собрале најмногу гласови во секоја категорија стануваат номинирани, а во случај на изедначени резултати може да има и повеќе од 5 номинирани во една категорија.

За разлика од Академијата за филмски уметности и науки, чии членови обично се поканети на проекции или им се испраќаат дивидија од филмовите номинирани за Оскар, членовите на Академијата за науки и уметности на запис на звук не ги примаат номинираните снимки. Наместо тоа, тие добиваат пристап до приватна функција за онлајн-преслушување.

Финално гласање

Откако ќе се одредат номинациите, финалните гласачки ливчиња им се праќаат на членовите на Академијата, кои можат да гласаат во четирите генерални категории и не повеќе од 30 од другите категории. Не е задолжително, но најчесто на членовите им се советува да гласаат во категориите од нивната бранша. Ливчињата се табелираат тајно од страна на независната сметководствена фирма „Делоjт Туш Томацу“ (Deloitte Touche Tohmatsu). По табелирањето на гласовите, победниците се објавуваат на самото доделување, а победува делото или уметникот со најмногу гласови, секако, со можност за изедначен резултат, при што победата ја делат сите со ист број гласови. Оние кои не победиле во категоријата во која биле номинирани, добиваат медал за својата номинација.

Во двете фази на гласањето, од членовите на Академијата се бара да гласаат единствено врз основа на квалитет, притоа не земајќи ги предвид продажбата, позицијата на топ-листите, личните пријателства, регионалните преференции или верноста кон одредена компанија, а строго е забрането и прифаќање на подароци. Членовите имаат обврска да гласаат на начин што ќе го зачува интегритетот на Академијата и членската заедница. Иако регистрираните медиумски компании можат да пријават дела, тие не можат да гласаат во ниту една фаза од гласачкиот процес.

Квалификациониот период за 60. доделување на Греми беше од 1 октомври 2016 до 30 септември 2017 година.

Џорџ Солти е најнаградуваниот музички уметник со 31 златен грамофон

Греми-рекордери

Во текот на изминатите 59 доделувања номинирани и наградени се стотици музички уметници од различни жанрови, дел од нив закитувајќи се со над дваесет златни грамофони. Рекордот за најнаградуван уметник досега го држи унгарскиот диригент Џорџ Солти, кој освоил дури 31 награда, а веднаш зад него, со по 27 златни грамофони во своите колекции се легендарниот Квинси Џонс и блуграс и кантри-пејачката Алисон Краус, додека 26 има францускиот композитор Пјер Буле.

Од попознатите имиња за денешницата, на оваа листа е и Стиви Вондер со 26 освоени награди, по 22 имаат Бијонсе, „Ју-ту“ и Чик Корија, по 21 имаат Џеј Зи, Канје Вест, Винс Гил и Пол Макартни, а по 20 Мајкл Џексон, Брус Спрингстин, Ал Шмит, Хенри Менсини и Пет Метени.

Квинси Џонс во 1991 година

Меѓу најмладите добитници на овие престижни статуетки се сестрите Пизал, кои кога во 2002 година биле дел од тимот што ја добил наградата за албум на годината, имале 7, 9 и 13 години. Добитници на Греми на возраст од само 14 години станале американската кантри-пејачка ЛиЕн Рајмс и мексиканскиот пејач Луис Мигел, а на 17-годишна возраст со златен грамофон се закити и новозеландската ѕвезда Лорд. Својата прва награда на 18 години ја добиле Даја и Моника, а на 19 години Кристина Агилера и ЛаТавија Робертсон.

Најстариот добитник на Греми, пак, е блуз-пијанистот Пајнтоп Пркинс, кој на 97-годишна возраст во 2011 година ја освоил наградата за најдобар традиционален блуз-албум. Американскиот комичар, актер и пејач Џорџ Брнс освоил Греми на возраст од 95 години, а на 91 година со Греми се закитил и 39. претседател на САД, Џими Картер. Меѓу најстарите добитници на Греми се и блуз-музичарката Елизабет Котен и актерката Бети Вајт, кои овие признанија ги добиле на возраст од 90 години.

Мајкл Џексон и Карлос Сантана сè уште го држат рекордот за уметници што освоиле најмногу награди во една вечер, секој од нив закитувајќи се со по осум златни грамофони, а веднаш зад нив, со по шест награди се: Роџер Милер, „Тото“, Квинси Џонс, Ерик Клептон, Бијонсе и Адел. Уметници кои во иста вечер победиле во категориите песна, снимка и албум на годината се: Пол Сајмон, Керол Кинг, Кристофер Крос, Ерик Клептон, „Дикси чикс“ и Адел. 

Според вкупниот број на номинации, пак, предводи Квинси Џонс, чии дела досега биле номинирани 79 пати, а 78 номинации добил Пол Макартни, додека по 74 добиле Џорџ Солти, Стиви Вондер и Џеј Зи. Најмногу номинации во една година досега добил Мајкл Џексон, кој во 1984 година бил во трка за дури 12 статуетки, а веднаш зад него е Кендрик Ламар, кој во 2016 се натпреваруваше во 11 категории. Во 10 категории во иста вечер биле номинирани Лорин Хил, Канје Вест, Бијонсе и Еминем, а по 9 номинации имале Роџер Милер, Пол Макартни, „Менхетен трансфер“, Џеј Зи и Бијонсе.

Најдобрите дела и уметници за 2017 година, според членовите на Академијата за уметности и науки за запис на звук, ќе ги дознаеме утревечер, кога ќе се одржи јубилејното 60. доделување на златните грамофони. Според бројот на номинации годинава предводи Џеј Зи, кој е во трка за 8 награди, а потенцијален добитник на 7 статуетки е Кендрик Ламар, додека во шест категории се натпреварува Бруно Марс. Манифестацијата ќе се одржи во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк, а улогата на водител по вторпат му припадна на популарниот британски актер и водител Џејмс Корден.

Ивона Јанкова / Извор: Википедија 



Врати се горе ↑