Видео

5 март, 2018

За Игор Џамбазов и Гуру Харе „Староста доаѓа“

Легендарниот македонски актер, водител и шоумен Игор Џамбазов и неговиот блуз-гуру, Игор Атанасовски алијас Гуру Харе ја екранизираа својата најнова соработка насловена „Староста доаѓа“, која премиерно ја изведоа во рамките на годинашната „Златна бубамара на популарноста“.

Ниту престари за „пензија“, а уште помалку за рокенрол, Харе и Џамбазов направиле извонреден спој на џезот и блузот, каде во синтезата на овие два правци провејува одличниот текст и стиховите кои како и музиката, ги напишал самиот Гуру Харе. Кога на сето тоа ќе му се додаде емотивниот и полн со патина, но сепак смирувачки вокал и театралната изведба на мајсторот Џамбазов, кој на ионака одличниот инструментален амбиент на песната ѝ вдахнал душа, тогаш се добива ретко квалитетен производ кој не може баш секојдевно да се слушне… Барем не на нашиве простори.

Харе и Џамбаз покажале дека сè уште го имаат блузот во вените, но дека и останатите музички форми како смут или лајт-џезот не им се туѓи, како надополнување за создавање на единствена амбиетално-звучна слика… Нешто како Џеј Џеј Кејл и Леонард Коен во едно, на македонски начин. А за истата таа слика да биде комплетна, се погрижиле режисерот и монтажер Огнен Шапковски и екипата од „Мелем продукција“, чија визуализација на амбиентот созадава единствена претстава не само за уши, туку и за очи!

Во создавањето на песната учествуваа уште и Трајко Симоновски Таци на бас, Златко Михајловски Бумбар на тапани, а сето тоа е снимено кај Таци и миксано во студиото „Тралала“ на Мите Димовски. Како изгледа и звучи кога „Староста доаѓа“ дознајте во продолжение. Уживајте!

Извор: Вистина



Врати се горе ↑