Настани greek-latin-bilingual-text

15 мај, 2015

XLIV средношколски државен натпревaр по класични јазици‏

Во организација на здружението „Антика“ и Институтот за класични студии при Философскиот факултет во Скопје, на 16 мај 2015 година во просториите на Философскиот факултет во Скопје со почеток во 10.30 часот, ќе се одржи XLIV (44.) Републички натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта од Република Македонија.

На натпреварот учествуваат ученици од средните училишта од цела Македонија. Учениците се натпреваруваат во три категории според степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно и продолжително ниво за гимназија и здравствена струка. Оваа година на натпреварите учество ќе земат и ученици кои почетно го изучуваат старогрчкиот јазик.

Натпреварите финансиски ги поддржува Философскиот факултет. Во организацијата активно учество земаат и студентите од Институтот за класични студии. За време на натпреварите натпреварувачите ќе можат да се запознаат со студиската програма и со активностите на Институтот за класични студии и на Философскиот факултет. Исто така ќе биде одржана и презентација на последните два броја (бр.24 и 25) на електронското списание „Systasis“.

За време на натпреварите здружението „Антика“ вообичаено го одржува своето Годишно собрание. Здружението постои од мај 2001 година. Тоа е здружение на професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во Република Македонија и популаризација на класичната филологија. Од 2004 година здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации ЕВРОКЛАСИКА (EUROCLASSICA), која претставува федерација на национални здруженија на професори по класичните јазици од европските земји.

Здружението го издава електронското списание „Systasis“, (www.systasis.org).  Повеќе информации за активностите на здружението можете да најдете на неговиот веб сајт www.zkfmantika.org.



Врати се горе ↑