Балкан zj-kk-xf

9 септември, 2013

X Factor: Жељко Јоксимовиќ и Кристина Ковач се дел од жирито

На неодамнешните предаудици за првото регионално издание на X Factor се пријавија повеќе од 8000 кандидади (најголем број од Македонија и Србија), а од вчера се веќе познати и имињата на два члена од жири комисијата. Станува збор за добро познатиот српски музичар Жељко Јоксимовиќ и композиторката и пејачка Кристина Ковач, пренесуваaт српските медиуми.

Јоксимовиќ е еден од најзначајните, најценети и најпопуларни пејачи и композитори на Балканот, кој се бави со музика уште од најраното детство. Од бројните албуми сè уште се слушаат хитовите како што се „Љубави“, „Леџа о леџа“, „Лане моје“, „Има нешто у том што ме нечеш“, како и актуелниот хит „Лудак као ја“. На публиката ширум Европа ѝ е познат по успешните настапи на Евровизија, каде што оствари одличен пласман. 41-годишниот музичар успешно работел и како композитор на музика за многу филмови и серии.

Кристина Ковач (38) стана позната за јавноста во деведесеттите години на минатиот век како членка на групата К2, во која заедно со својата сестра донесе нови музички правци на овие простори. Во текот на претходните години оствари успех со синглот „Колена“, кој 15 недели со ред го држеше првото место на топ листата за поп-рок музика на каналот MTV Adria. Кристина потекнува од музичко семејство – нејзиниот татко е еден од најплодотворните композитори во последните три децении од минатиот век, Корнелије Ковач, а нејзината сестра Александра Ковач исто така е популарна музичарка.

Членовите на жирито во моментов се во фаза на подобро запознавање и правење стратегија за претстојната доста тешка и одговорна работа која опфаќа и едукација на талентите кои се пријавиле за оваа светски позната музичка емисија. Имено, тие не се само жири, туку и ментори на младите луѓе кои сакаат да станат славни. Во текот на наредните денови тие ќе имаат голем број активности. Наскоро треба да бидат објавени и имињата на преостанатите два члена од четиричленото жири, а на официјалната страница на Фејсбук голем број од фановите навиваат за нашата Калиопи.

Инаку, до 17-ти септември ќе бидат завршени сите предаудиции кога ќе бидат одбрани 300 натпреварувачи кои ќе се борат за победа. Меѓу кандидатите кои веруваат дека го имаат тој Х фактор имало и неколку веќе познати личности, меѓу кои и Никола Пауновиќ кој го паметиме од Операција Триумф.

Популарната емисија X Factor која ќе биде во реализација на телевизијата Пинк и МБК продукција ќе започне да се емитува кон средината на октомври.

 



Врати се горе ↑