Балкан x-factor-adria

21 октомври, 2013

X Factor започнува на 29-ти октомври

Првата сезона од регионалното издание на популарниот музички натпревар X Factor, ќе започне да се емитува на 29-ти октомври на Сител телевизија, која заедно со српската телевизија Пинк учествува во овој проект. Илјадници кандидати од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина се пријавија на предаудициите, а 300 од нив продолжија на аудициите пред четиричленото жири составено од Жељко Јоксимовиќ, Кики Лесендриќ, Емина Јаховиќ и Кристина Ковач, кои избраа 120 за следната фаза, односно регрутниот камп. Најинтересните аудиции ќе имаме можност да ги видиме веќе од следниот вторник, а потоа избраните натпреварувачи од четирите групи на момчиња, девојки, групи и постари од 30 години ќе им бидат доделени на по еден од членовите на жирито, кои ќе им бидат ментори, ќе ги подучуваат и ќе им помагаат во подготовката на настапите.

Како што се наближува почетокот на емисијата, чија лиценца ја поседува продукцијата МБК, деновиве беа објавени и кратки промотивни видеа, меѓу кои се најде и мал дел од аудициите, во кој може да се види како членовите на жирито се снаоѓаат во својата нова работна задача.

 

Асистентката на Сајмон Кауел, кој е творец на овој музички формат, Еби Дојл извесен период беше присутна за време на аудициите, а откако се увери дека сè се одвива во најдобар ред и слушна дел од кандидатите, изјави дека голем дел од нив имаат потенцијал за светски ѕвезди. Во улога на водител ќе го гледаме српскиот актер Бане Јевтиќ, а заедно со него ќе биде и нашата позната водителка Снежана Велков.

Откако ќе бидат избрани одреден број на кандидати за секоја категорија, натпреварот ќе продолжи со финалните емисии во живо, кога за судбината на натпреварувачите ќе одлучуваат и гледачите. Суперфиналето е закажано за февруари следната година, а на спектаклот кој ќе се одржи во белградската Комбанк Арена, ќе гостува и една светска ѕвезда. Првопласираните тројца натпреварувачи во суперфиналето ги чекаат вредни стокови и парични награди, додека само победникот може да очекува музички албум, луксузен автомобил и титула прва X Фактор ѕвезда на овие простори.

 

 



Врати се горе ↑