Балкан x-factor-4u

6 февруари, 2014

X Factor: Одличен настап на Лорин, а натпреварот го напуштија 4U

Во вторникот, на 4-ти февруари се одржа 5-тата финална вечер од регионалниот X Factor, а преостанатите 10 натпреварувачи настапија со познати денс хитови. Секако дека најинтересниот дел од вечерта беше гостувањето на познатата шведска пејачка и победничка на Евровизија во 2012 година, Лорин, која покрај победничката „Euphoria“ ја отпеа и песната „My Heart Is Refusing Me“.

 

Иако сите натпреварувачи дадоа сè од себе, сепак на крајот некој мораше да си оди дома. Најмал број гласови имаа Харис Ќато и групата 4U, a по изедначеното гласање на жирито, одлуката беше во рацете на публиката, така што петти по ред кои го напуштија натпреварот се девојките од групата 4U, оставајќи ја категоријата „групи“ на Кристина Ковач само со 1 претставник, односно групата Доктори. Во изминатите емисии дома си заминаа Младен Лукиќ, Маја Новаковиќ, дуото H2O и Александра Секулиќ.

Во врска со изведбите интересно е тоа што за разлика од досегашната пракса (во најголем дел) да се користат оригиналните матрици, Тамара Милановиќ заедно со својот ментор и својот брат направи своја верзија на хитот „Umbrella“ од Ријана, што е навистина за пофалба бидејќи на тој начин најдобро ќе се прикаже себеси во вистинското светло. Уште еден одличен настап имаше и нашиот Даниел Кајмакоски кој го отпеа мегахитот „Wake Me Up“ од сè попопуларниот шведски диџеј и продуцент Авичи. Сите 10 настапи од последната емисија можете да ги погледнете во продолжение.

 Насловна фотографија: Лука Пилиповиќ

 



Врати се горе ↑