Балкан iks-faktor

19 јули, 2013

„Х фактор“: Како да се подготвите за аудициите?

Како што Ви пренесовме неодамна, најпознатата музичка емисија „Х фактор“ наскоро ќе започне со аудиции низ градовите од земјите на поранешна Југославија, (можете да се пријавите на следниот линк), а ние решивме да Ви ги пренесеме советите што ги даде порталот Мјуз њуз“ за што подобро да се подготвите и да оставите поголем впечаток на претстојните ауидиции. Музичките натпревари од овој тип се одличен начин да направите пресврт во Вашиот живот, па доколку го поседувате тој Х фактор можеби Вие ќе бидете новата ѕвезда на првото издание на една од најпопуларните музички емисии во регионот.

Некои од светските ѕвезди како што се Леона Луис, „Уан дајрекшн“ и Џејмс Артур ја стекнаа својата слава токму преку овој натпревар. Огромната машинерија, искуството и буџетот ветуваат шоу каво што досега не сме имале можност да видиме на овие простори, а сериозната продукција која стои позади сето тоа и човекот кој е идеен творец на овој формат Сајмон Кауел, се гаранција дека победникот навистина ќе добие можност и средства да се реализира како музичар и да го изгради своето има на најдобар начин.

Според неофицијални извори на гореспоменатиот портал, предаудициите ќе бидат организирани на плоштадите во сите поголеми градови во регионот (Скопје, Белград, Подгорица, Нови Сад, Сараево..), така што ќе имате можност својата среќа да ја испробате во најблискиот град до Вас.

Да претпоставиме дека поседувате пристојни гласовни можости, односно пријатна боја на гласот, слух (ова е НАЈважно) и музикалност, но она што можете дополнително да го направите за Вашата аудиција да помине со што помалку стрес и трема, а што подобро да се претставите за толку кратко време, дознајте во продолжение.

Избор на песна

Сè започнува со изброт на песна, но за жал често тука и завршува. Сакајќи што подобро да се прикажат своите (фантастични) гласовни (не)способности, кандидатите често бираат тешки песни кои го надминуваат нивниот гласовен распон и нивната способност, што е многу голема грешка. Луѓето кои се дел од жирито и кои ќе Ве слушаат, имаат сосема доволно искуство да проценат што можете, а што не, дури и ако не покажете сè. Важно е песната која сте ја одбрале да Ви лежи, да ја сакате и да ја пеете со задоволство, да не Ви биде тешко да ја отпеете во целина и да ја изведете без некои поголеми проблеми.

Доколку одберете песна која да речеме дека има висина која е на границата на Вашиот опсег, Вие цело време ќе мислите само на тон тој и на прашањето дали ќе го изведите точно и покрај повеќечасовното чекање да дојдете на ред, како и тремата која секако ќе ја имате и која самите себеси ќе си ја засилите поради стравот од тој висок тон. Значи, одберете песна која ќе можете да ја отпеете без проблем дури и тогаш кога не сте распеани или пак малку настинати, па дури и ако на грешка започнете за терца повеќе отколку што треба, бидејќи сето ова може да Ви се случи на аудицијата, а благодарение на Марфи сигурно ќе Ви се случи.

Научете ја добро песната која ќе ја пеете

Советот кој Ве молиме да си го врежите во главата и постојано да си го повторувате: Одберете песна која ја знаете на памет! Или ако одбирате некоја нова која порано не сте ја пееле, научете ја до детал! Дајте си минимум од недела дена за песната добро да Ви легне (не се занесувајте дека денес ќе ја научите песната која ќе ја отпеете утре на аудицијата). Ова е во однос на мелодијата и тексот. Нема поголем срам од тоа да го заборавите текстот и кога (не дај Боже) ќе почнете да изведувате некоја своја мелодија, па никој да не може да препознае што пеете! Добро извежбана песна е првиот чекор кон добра изведба! Ако сте несигурни во мелодијата или текстот, го направивте првиот чекор за катастрофа!

Не чекајте (замислениот) бенд да го отсвири својот дел!

Сè уште не е познато на кој начин ќе бидат организирани предаудициите, но сметајте на најтешката варијанта, а тоа е пеење без никаква музичка придружба. Пеењето без придружба е тешко, но има и свои предности бидејќи нема да се плашите дека ќе влетате на погрешно место или дека ќе отстапите од ритамот. За сè сте задолжени самите Вие и Вашиот вокал. Ни случајно немојте да пеете така што ќе правите пауза на местата кадешто во оригиналната песна свири бенд или оркестар! Музика нема, па нема потреба да чекате! Само продолжете со својата мелодиска линија и обидете се на што подобар начин да ја доловите целината само со својот глас.

Како да ја погодите интонацијата?

Обидете се што подобро да го меморирате тоналитетот на песната, т.е. идеално е песната да ја отпеете на иста висина како што пејачот ја пее во оригиналот. Не е трагедија ако почнете за некој тон пониско или повисоко, сè додека мелодијата во комплет ја пренесете во новиот тоналитет, па песната, односно мелодијата остане точна. Ова ќе им звучи комплицирано на оние кои немаат музичко образование, но сè се сведува на тоа една иста мелодија да можете да ја отпеете од разни почетни тонови (висини), зависно од Вашиот глас, но би било идеално (но не и задолжително) кога веќе ја бирате песната, одберете ја онаа која можете да ја отпеете во оригиналниот тоналитет.

Не ги имитирајте туѓите гласови!

Пејте со својот глас без да се обидувате да го измените со сила. Тоа е Вашата боја и не можете да ја смените колку и да сакате! Соживејте се со својот глас, засакајте го и извлечете го максимумот од него, но за ништо на светот немојте да ги имитирате другите! Ако вашиот глас звучи како Бритни, никако немојте да се трудите да звучите како Ејми Вајнхаус, бидејќи не само што не е убаво, туку и сите ќе забележат дека правите нешто чудно, а тоа е и најкусиот пат до упропастување на гласните жици. Не го стегајте својот тон, не трудете се со сила да биде поинаков, само опуштете се и пејте со чист, природен, т.е. со Вашиот глас!

Импровизација

Немојте од сето горенаведено да заклучите дека единствено е добро да пеете како папагал и песната да ја изведете идентично како што пејачот ја пее во оригиналот. Вашата лична интерпретација е повеќе од добредојдена, но водете сметка да не се потпирате на импровизацијата на лице место која ќе ви дојде како „уметничка инспирација“, бидејќи со тоа нема да постигнете ништо. Добро извежбајте ја својата изменета верзија на песната, па така ќе изведете квалитетна импровизација и нема да се усрамите или да отпеете фалш. Импровизацијата е врв на изведбата и ако знаете тоа добро да го направите, тогаш овие совети нема ни да Ви требаат. Во тој случај – само напред!

Како дополнување на овој текст, уште неколку совети од самата продукција на оваа емисија, а тоа се:

– За предаудицијата подгответе 3-5 ЦЕЛИ песни;
– Доколку сте во можност, донесете и матрици и уредно означете ги;
– Можат да се пријават сите кои се родени пред февруари 2001 година;
– По пријавувањето преку СМС или преку  Фејсбук, чекате повик од Центарот за повици;
– Центарот за повици во договор со Вас ќе одреди кога и каде да дојдете; 
– Бидете слободни и весели и покажете ни го својот талент!

Ако се уплашивте од овие совети, не грижете се, сепак сето тоа е само игра и една од бројните шанси кои ќе ги имате во животот доколку навистина имате талент. Верувајте во себе, совладајте го стравот и ако се случи нешто непредвидено, извлечете се шармантно и со насмевка на лицето! На крајот на краиштата, како што кажала една професорка по пеење: „Кој не е за 5 минути срам, тој не е за пејач!“ Среќно!!!

И за крај, пример од една одлична аудиција и уште подобра импровизација.

Извор: Mjuznews



Врати се горе ↑