За Вас x-factor-adria

16 јануари, 2014

„Х фактор“ или караоке шоу?!

Најпопуларниот музички формат „Х фактор“ минатата година стигна и во нашиот регион, а од британската и американската верзија на овој натпревар излегоа едни од најпопуларните музички имиња  како што се Леона Луис, „Уан дајрекшн“, Џејмс Артур, Оли Мрс… Со оглед на тоа што барем минатата година редовно ги следев двете горенаведени верзии, можам да кажам дека добро сум запозната со самиот концепт на натпреварот, а она што беше понудено од страна на добар дел од кандидатите беше вистинска уметност. Уметност затоа што кандидатите се трудеа да се покажат во вистинско светло, да пеат на свој уникатен начин и што е најважно од сè со нивните ментори да направат нов аранжман прилагоден на нивниот стил. Сметам дека токму тоа е и најважниот сегмент од овој натпревар. Како најдобар пример би го издвоила Џејмс Артур, а за да сфатите што сакам да кажам, Ви препорачувам да ги погледнете сите негови настапи во рамките на натпреварот, од првата аудиција до големото финале.

Овде на Балканот имам впечаток дека најголемиот дел од публиката смета дека песната треба да звучи исто како оригиналот. Јас тоа би го објаснила на овој начин: Зошто го сакаме Мајкл Џексон или Елвис Пресли… или „Битлси“ или Фреди Меркјури? Секој од нив има свој сопствен стил карактеристичен само за нив и никој друг! Ако секој од овие звучеше исто како другите, никој немаше да ги забележи, ниту да ги памети. Така и за секој нов изведувач кој сака да се претстави пред јавноста пожелно е да покаже нешто ново, оригинално и по можност неслушнато до сега. Се разбира дека промената на аранжман на една песна е, народски кажано, „нож со две острици“, но тоа е ризик кој мора да се преземе, а и често се исплатува.

Иако од нашиот регионален „Х фактор“ досега поминаа само две финални вечери, сепак не можам да го сокријам моето разочарување, особено од членовите на жирито. Освен Кристина Ковач, која очигледно вложува голем труд во своите кандидати, останатите судии делуваат сосема незаинтересирано. Не ми е јасно зошто никој од нив не се труди да биде креативен, да направи нешто ново, нешто свежо…?! Тоа ќе придонесе и за кандидатите, но и за самите членови на жирито. Ќе прикаже уште една нивна страна и уште еднаш ќе докажат зошто стигнале до таму каде што се. Од она што го слушнав до сега, „X фактор“ кај нас е само караоке шоу – се користи само оригиналната мелодија (матрица) и толку!

Епа луѓе, ни Сајмон Кауел, ни „Сони мјузик“ нема да сака да потпише договор со караоке пејач! Нив ги има на претек. Ќе успеат само оние кои се уникатни и оригинални и можат да понудат нешто ново. Се надевам дека во понатамошните емисии ќе имаме можност да слушнеме некој нов аранжман, како што во последната емисија беше случајот со групата „Фор ју“ (4U) и интересната преработка на „Feel“ од Роби Вилијамс. Некому му се допадна, некому не, но сигурно е дека привлекоа внимание… Впрочем, сите легендарни уметници станаа легенди токму поради нивната храброст да се прикажат себеси такви какви што се – пионери и иновативни уметници од епски размери!

За крај, еден од моите омилени настапи на Џејмс Артур за време на неговото учество во „Х фактор“, неговата уникатна и оригинална верзија на I’m Sexy And I Know It од „Ел-ем-еф-еј-оу“ (LMFAO). Уживајте!

 

Ивона Јанкова



Врати се горе ↑