4 декември, 2013

Werefox го претстави „The Redneck Genius Story“

Словенечката група Werefox деновиве го претстави својот нов видео запис за песната „The Redneck Genius Story“, во кој се претставува во малку поинакво светло. Ако видео записот за „March Of The Finest“ од нивниот деби албум „I Am Memory“ го прикажува бендот во вистинскиот елемент, тогаш овој новиот е повеќе во наративен „роудтрип“ стил. Видео записот прикажува визија од иднината на едно момче чиј центар во животот е еден црвен Мустанг. Снимањето се одвиваше на повеќе локации како што се автопат, црква, улици и секако во Мустангот.

И песната и нејзината визуализација се инспирирани од новелата „Car“ од американскиот писател Хери Крус во која е прикажана патолошката поврзаност на главниот лик Херман со неговиот автомобил, кој на крајот и ќе го изеде, што за него претставува ултимативен акт на љубовта. Во видео записот младиот Херман го игра Дион Лонеј, а во улогата на возрасниот Херман се појавува Филип Самобор, кој со катарзична енергија се движи кон Хермановата судбина. Ја следиме трансформацијата на главниот јунак и крајот нè доведува на почетокот кога одлучува да не го убие тоа што го сака најмногу.

Режијата ја потпишува Катарина Решек, сниматели се Давид Лотрич, Јан Јенко, Петер Перуновиќ, асистентка Манкица Крањец, додека за монтажата беа задолжени Катарина Решек и Мануел Хан. 

Супергрупата Werefox која е составена од музичари од неколку етаблирани словенечки бендови, продолжува со промоцијата на својот прв албум „I Am Memory“, а наскоро можат да се очекуваат и концертни настапи ширум сите републики од поранешна Југославија, но и надвор од границите на некогашната заедничка држава.

 

 



Врати се горе ↑