Настани 10628013_10204763534508111_5579126571603544193_n

13 септември, 2014

„Wake Up Music Festival“ по втор пат во Штип

На 19, 20 и 21 септември 2014 година по втор пат ќе се одржи „Wake Up Music Festival“, настан за љубителите на електронската и хип-хоп музиката, со настап на реномирани музички имиња, со цел да се достигне врвот на клупската сцена во регионот.

Концептот на овој музички фестивал е тридневна богата музичка програма која ќе започне со отварање на фестивалот во петок, 19 септември, со воведна забава во 22.00 во кафе бар „Гужва“, со настап на добропознатиот на штипската публика диџеј Василе, за потоа забавата да се префрли во 00.00 часот во клуб „Мистик“. Првата вечер е посветена на електронската музика со настап на двајца диџеи од македонската клубска сцена: Ајсберг и диџеј Борче Панов, a како ексклузивен гостин на вечерта, специјално од Италија ќе настапи диџеј Дебора Де Лука (Deborah De Luca).

Вториот ден од фестивалот продолжува на 20 септември (сабота) во 12.00 часот напладне во кафе бар „Гужва“, започнувајќи со диџеј Андреј Ѓошев, а потоа во 14.00 часот ќе се надоврзе диџеј Ник Капа од Грција. Дневната забава завршува во 16.30 часот. Вечерната забава продолжува повторно во кафе бар „Гужва“ со диџеј сет на Тони Зен, а потоа пак се префрла во 00.00 часот во клубот „Мистик“. Оваа вечер ќе биде посветена на љубителите на хип-хоп музиката со настап на хип-хоп диџеи и настапи во живо на артисти од Македонија и странство. Достојно и репрезентативно, оваа вечер со свој сет ќе настапи диџеј Пипс од Република Хрватска. По него како специјални гости на вечерта свој настап во живо ќе имаaт добро познатите Едо Маајка од Босна и Херцеговина и Канџија од Република Хрватска. Завршниот збор на оваа вечер ќе го даде диџеј Панчо (ДНК) од Македонија.

Фестивалот завршува на 21 септември (недела) во кафе бар „Гужва“ со сет на диџеј Дени Бегич (Denny Begic), започнувајќи во 12.00 напладне.

По успешноста на „Wake Up Music Festival“ Vol.1 кој беше еднодневен и посетен од 1500 посетители, овојпат со проширувањето на фестивалот и временски и просторно на „Wake Up Music Festival” Vol.2 се очекува посетеност од 3000 до 4000 посетители. Водени од претставената цел за комплетно остварување мисијата на организаторите, загарантирано е највисоко ниво на организација на фестивалот надополнета со аудио и визуелни елементи и професионална пиротехника.

Цената на картата за сите настани изнесува: 250 денари. На изненадување на посетителите со првите 500 купени карти од 250 денари следува гратис квалитетна маичка со логото на фестивалот или цеде. Влезот на дневните забави во кафе бар „Гужва“ е слободен, а лицата со купени карти од 250 денари имаат предност за резервација за маса. Цената на карта само за петок и/или само за сабота  навечер во клубот „Мистик“ на врата изнесува 150 денари.

Картите во претпродажба се пуштени веќе од 08.09.2014 (понеделник) во кафе бар „Гужва“ (Спортски Центар Џексон) и „Тобако Фонтана“(до клуб „Мистик“).




Врати се горе ↑