Настани 10155009_1129208030428869_4827541186546209522_n

6 јули, 2015

Второ издание на фестивалот „Мјузиколоџи“ во Белград

Фестивалот „Мјузиколоџи“, кој минатата година дебитираше на тврдината Калемегдан, ќе се одржи и ова лето, од 23-26 јули. Веќе со своето прво издание, фестивалот откри еден поинаков Белград, оној кој можеби не е доволно видлив. Публиката, чиј вкус и сензибилитет е маргинализиран и која повторно се појави со своите потреби за квалитетни музички настани, ќе го следи „Мјузиколоџи“ и оваа година.

Фестивалот, за кој велат дека му го враќа стариот сјај на Белград, годинава значително порасна. За тоа најдобро зборуваат и големите музички имиња кои ќе продефилираат на вториот по ред фестивал „Мјузиколоџи“:

23 јули
21 ч. – Душко Гојковиќ и „Белград самит октет“ (Belgrade Summit Octet)
22.30 ч. – „Електро делукс“, Франција

24 јули
21 ч. – „Ничим изазван“ 
22.30 ч. – „Д бренд њу хевис“ (The Brand New Heavies), Велика Британија

25 јули
21 ч. – Марчело и „Напети квинтет“
22.30 ч. – Лив Ворфилд и „Њу пауер џенерејшн хорнз“ (Liv Warfield & New Power Generation Hornz), САД

26 јули
21 ч. (ќе биде соопштено наскоро)
22.30 ч. – Грегори Портер, САД

Душко Гојковиќ, трубач, композитор, аранжер и лидер на бендот – вистинска легенда, не само на српскиот и југословенскиот џез, туку сигурно и најуспешниот, најпознатиот и најпризнатиот музичар од Балканот, со својот бенд „Белград самит октет“, симболично ќе го отвои второто издание на фестивалот „Мјузиколоџи“. Овој пионер на фузијата на џез со елементи од балканскиот фолклор, со полни 84 години, и понатаму е во врвна форма и како изведувач и како автор.

 

По ова спектакуларно отворање, публиката ќе има можност да ужива и со француската атракција „Електро делукс“. Овие седум најбарани музичари на француската музичка сцена еволуираа од електо-џез пионер до енергетски коктел на „валкан“, но стилизиран соул и фанк.

 

Главните ѕвезди на втората вечер од фестивалот се британските пионери на „ејсид џезот“ – „Д бренд њу хевис“, музичка институција чиј единствен спој на џез, фанк и соул правците ја запали прво британската, а веднаш потоа и светската музичка сцена, на која сега веќе постојат преку две децении. „Д бренд њу хевис“ се одговорни за некои од најголемите ар-ен-би / соул хитови, исфрлајќи 16 Топ 40 синглови, вклучувајќи ги и „Dream on Dreamer“ и „You’ve Got A Friend“. Продажбата на нивните албуми брои преку два милиона.

 

Пред настапот на Британците, публиката ќе се загрее со еден од најпопуларните и најперспективни српски млади бендови – „Ничим изазван“. Комбинацијата од различни ритмови и музички стилови, како и големиот број инструменти што ги користи, овој млад бенд гарантира уживање за музичките сладокусци од сите категории.

 

 

Лив Ворфилд и „Њу пауер џенерејшн хорнз“ ќе настапат на 25 јули на Калемегдан. Ментор на оваа атрактивна млада дива во подем е, ни помалку ни повеќе, туку легендарниот Принс, творец на некои од најголемите хитови воопшто. На нејзиниот нов албум „The Unexpected“, Принс дал и авторски и продуцентски печат. Исто така, дувачката секција на бендот на Лив Ворфилд, како и самата Лив, се редовни членови на бендот „Њу пауер џенерејшн“ на Принс.

 

Како загревање за оваа вечер ќе настапи најценетиот претставник на српската хип-хоп сцена, Марчело, со неговиот „Напети квинтет“ и ќе ги воодушеви посетителите на фестивалот со специфичната фузија на џез и хип-хоп.

 

Грегори Портер, американски пејач, кантавтор, актер и добитник на престижната награда „Греми“ во 2014 година за најдобар вокален џез албум, на 26 јули за прв пат ќе се претстави пред белградската публика и ќе го затвори вториот по ред фестивал „Мјузиколоџи“. Својот жанр го опишува како хибриден џез, зачинет со соул, поп и госпел.

 

Влезниците за фестивалот може да се набават преку продажните мрежи на Eventim, DD Tickets, GIGS TIX и Ticket Line, како и „Битеф арт кафе“ во Белград.



Врати се горе ↑