Видео IMG_4694_EV_smal

22 ноември, 2015

Втора победа за Малта на детскиот Евросонг, Македонија повторно последна

Вкупно 17 земји се натпреваруваа на 13. издание на детската Евровизија, кое се одржа синоќа во арената „Армеец“ во Софија, соседна Бугарија. Првото место го зазеде 13-годишната Дестини Чукунјере од Малта, која ја обезбеди втората победа за малата островска земја во овој натпревар. Чукунјере триумфираше со песната насловена „Not My Soul“, за која беше наградена со 185 поени, поставувајќи го рекордот за најголем број освоени поени во историјата на фестивалот.

 

Второто место отиде во рацете на ерменскиот претставник Мика со песната „Love“, а третото го освои Словенката Лина Кудузовиќ со темата „Прва љубезен“. За жал, Македонија уште еднаш остана на последното место со освоени само 26 поени, повторувајќи го неуспехот на претходните претставнички Зана Алиу во 2006 и Барбара Поповиќ во 2013 година, кои исто така се пласираа на дното на табелата. Како изгледаше настапот на Ивана и Магдалена со нивната „Плетенка“ можете да погледнете во продолжение.

 

Инаку, гласањето се одвиваше така што на самиот почеток сите земји беа наградени со по 12 поени, на кои се додаваа поените од гласовите на другите земји, па 26-те поени на Македонија беа составени од по 1 поен од Србија и Бугарија, 5 поени од Црна Гора и 7 поени од Албанија, додека нашите гласови отидоа кај следните земји: 1 поен за Словенија, 2 за Австралија, 3 за Русија, 4 за Белорусија, 5 за Малта, 6 за Бугарија, 7 за Албанија, 8 за Црна Гора, 10 за Ерменија и 12 поени за Србија.

Интересно е тоа што Австралија годинава за првпат се вклучи и во детската Евровизија, а нејзината прва претставничка Бела Пејџ, која по потекло е Македонка, го освои осмото место.

 

Пласманот на сите 17 земји е следниот:

  1. 185 поени – Малта
  2. 176 поени – Ерменија
  3. 112 поени – Словенија
  4. 105 поени – Белорусија
  5. 093 поени – Албанија
  6. 080 поени – Русија
  7. 079 поени – Србија
  8. 064 поени – Австралија
  9. 062 поени – Бугарија
  10. 051 поени – Грузија
  11. 038 поени – Украина
  12. 036 поени – Ирска
  13. 036 поени – Црна Гора
  14. 036 поени – Сан Марино
  15. 035 поени – Холандија
  16. 034 поени – Италија
  17. 026 поени – Македонија

Доколку го пропуштивте синоќешниот директен пренос на МРТ1, целата манифестација можете да ја прегледате во продолжение.

Извор: www.junioreurovision.tv

Фотографија: (ЕБУ) Елена Волотова/Владимир Дудаклиев



Врати се горе ↑